Прекори за Путин доаѓаат од сите западни држави, алијанси и организации.
Бајден вети дека САД, сојузниците и партнерите ќе одговорат на заеднички и одлучен начин, порачувајќи:
„Русија ќе одговара пред светот“.
И ЕУ ќе бара Москва да одговара за неоправданиот напад врз Украина, и дека во текот на денот ќе бидат воведени масовни санкции против Русија.
„Во овие мрачни часови нашите мисли се со Украина и невините жени, мажи и деца кои се соочуваат со непровоциран напад и стравуваат за своите животи,“ порачува Вон дер Лејен.
Генералниот секретар на НАТО порача дека Русија „го избрала патот на агресијата против суверена и независна држава“. Нападот „ризикува неброени човечки жртви“ и е сериозно прекршување на меѓународното право и сериозна закана за евро-атлантската безбедност.
Германскиот канцелар порача дека рускиот напад „не може никако да биде оправдан“, а според Борис Џонсон „претседателот Путин го избрал патот на крвопролевањето и уништувањето започнувајќи неиспровоциран напад врз Украина.“
Портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи одби да ја нарече руската операција „инвазија“, порачувајќи „со користењето на зборот инвазија ти го користиш типичниот метод на западните медиуми за поставување прашања.“ Тој изјавил дека Кина внимателно ја следи ситуацијата и ги повикува сите страни се воздржат за ситуацијата да не излезе од контрола.
Во изјава која ги одекнува пораките на многу проруски медиуми, кинеската амбасада во Киев ги советува своите граѓани во Украина како мерка на претпазливост да останат дома и да не се обидуваат да ги напуштат градовите. Истото ова е повторено во повеќе наврати на социјалните медиуми од проруски профили и корисници, според кои операцијата е со ограничена мисија и има за цел уништување само на украинска воена инфраструктура, не и напади или освојување на големи урбани центри.
Чешка го осуди нападот како неприфатлив и најави дека ќе одговори на него заедно со своите сојузници; Полска бараше итна реакција на руската агресија врз Украина барајќи ги најострите можни санкции; Унгарскиот министер за надворешни работи изјави дека „војната секогаш е најлошото сценарио“.