Во Зимбабве снемува сè, дури и пасоши

Со месеци во оваа африканска земја нема кеш, гориво и струја. А сега е речиси невозможно да се дојде и до пасош. 

Зимбабве се соочува со најлошата економска криза во последнава деценија. 18 месеци по воениот удар кој го симна од власт Мугабе, новите власти се мачат да го надминат наследството на репресивното владеење од последниве 30 години, но и сопствената неспособност за длабока политичка реформа.

Официјални податоци велат дека годишната инфлација во јуни пораснала на 175%, што многумина ги потсетува на економскиот колапс од пред десетина година, кога хиперинфлацијата ги испразни полиците и доведе до тоа оваа јужноафриканска земја да ја укине сопствената валута.

Владата неколку пати во последно време ги зголемува цените на горивото, а се најавува скорешно поскапување на струјата. Од минатиот месец централната банка ги забрани трансакциите со американски долари, и по долго време повторно го прогласи зимбабвскиот долар за единствена законска валута. Во меѓувреме стана тешко и да се обнови или да се извади нов пасош.

Претседателот Емерсон Мнангагва, поранешен потпреседател и десна рака на Мугабе, чија партија Зану-ПФ победи на изборите минатата година, изјавил дека компанијата која ги изработува пасошите одбива да печати што и да е пред владата да си ги расчисти долговите. Но други велат дека земјата е толку осиромашена што не може да увезе ни мастило и хартија. Во моментов се издаваат пасоши само за итни случаи, а ситуацијата со личните карти не е нешто подобра - металните картички се заменети со пластични, но сега снемува и пластика.

На седум милиони луѓе во моментов им се заканува глад, а овогодинешната суша само ја влошува ситуацијата.

извор

24 јули 2019 - 09:17