Украина може да очекува лавина од воена помош од Бајден пред одење

Белата куќа составила стратегија за засилување на Украина која треба да биде испорачана пред доаѓањето на Трамп на власт. Таа вклучува 20 милијарди долари во заеми и дополнителни сеопфатни санкции против Русија.

На средбата што советникот за национална безбедност на САД, Џејк Саливен, ја има со шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак, САД ветуваат дека до средината на јануари ќе испорачаат стотици илјади парчиња артилериска муниција, илјадници ракети и стотици оклопни возила.

САД се понудиле и да обучат нови украински сили надвор од украинската територија, а паралелно со ова да обезбедат и заеми од 20 милијарди долари, кои ќе бидат земени врз основа на профитот од запленетите руски средства.

Ваквите потези на Белата куќа се на нешто повеќе од еден месец од инаугурацијата на Доналд Трамп, кој, како што најави во повеќе наврати, планира да воведе сосема нова стратегија за примирје.

Веста што деновиве ја пренесе Ројтерс е дека планот на Трамп подразбира исклучување на можноста за украинско членство во НАТО и Киев да се откаже од територијата што моментално е под руска контрола.

6 декември 2024 - 13:00