Станува збор за остров точка во Црното море од цели 17 хектари (170.000 метри квадратни) кој е крајна копнена граница на украинските територијални води кон Романија. Во 2012, на него живеат вкупно 30 луѓе.
На 24 февруари руската морнарица од крстосувачот Москва и патролниот брод Василиј Бајков, почнува да го гранатира островот и неговата инфраструктура. По ова почнуваат напади од руската авијација со Сухој 24. До вечерта островот е под руска контрола.
На ова му претходи комуникација меѓу двете страни. Пладнето на 24, украинската гранична служба објави снимка од наводната порака што руските сили им ја испратиле на 13-те украински војници на островот.
„Се наоѓате во целосна изолација, во зона на дејствија на нашите оружја.
Ако се спротивставите ќе бидете уништени.
Вашите шанси за преживување се нула.
Мислете на вашите деца, потребни сте им на вашите сакани, кои ве сакаат и ве ќе каат да се вратите дома живи и здрави.
Ова наскоро ќе заврши и ќе можете да продолжите со секојдневниот живот.
Донесете права одлука, останете живи,“ завршува пораката од руската морнарица.
Вечерта на 24 февруари украинската гранична служба објави дека го изгубила секој контакт со војниците на островот и појасни дека „според достапните информации“ островот е освоен.
Ноќта на 25 февруари советникот на Министерството за внатрешни работи на Украина, Антон Герашченко, објави снимка на својот личен Телеграм канал со уште еден исечок од преговорите меѓу руската морнарица и украинските граничари.
„Руски брод, оди еби се!“
По одговорот од украинска страна, Герашченко тврди дека започнало бомбардирањето на Змискиот остров.
Во нападот загинуваат сите 13 војници.
Денес руската страна ја демантираше оваа верзија, тврдејќи дека станувало збор за 82 граничари, кои се предале на руската морнарица.
Зеленски уште во обраќањето вечерта на 25-ти објави дека војската го бранела островот до последен, и најави дека секој од тринаесетмината ќе добие медал „Херој на Украина“.
Украина и Романија со години имаа спор за него, бидејќи по поморски закони островот помага за ширење на територијалните води на Украина. Романија тврдеше дека тој е само карпа во морето и не може да биде основа за проширување на територијалните води. Украина тврди дека е населен остров и е дел од нејзината територија, како и околните води. Главната причина за спорот беше што станува збор за дел од Црното море богат со нафта и природен гас.