"Со помош на нашата авијација, сириските воени сили ослободија 400 населени места и територија од 10.000 квадратни километри," му рапортираше на Путин рускиот министер за одбрана (и нешто напад) Сергеј Шојгу.
Нивното резиме вели дека терористите се исфрлени од Латакија и Алепо а Палмира е блокирана. Провинциите Хама и Хомс се исчистени а вратена е и авио базата Кувереис која беше во рацете на терористите повеќе од три години.
Од 30 септември лани па до свирката за повлекување биле изведени 9.000 руски воени мисии кои покривале територија долга 1.500 километри (тоа е колку од Скопје до Вилнус, Литванија; и нешто кусур).
Со руска воздушна подрршка, државните сили на Сирија повторно ги преземале под контрола нафтените полиња околу Палмира. Три од нив веќе се во функција. Притоа биле уништени 209 инфраструктурни објекти и 3.000 транспортни возила за пренос на нафта.
Русите тврдат дека нивните акции ги секнале главните извори за финансирање на непријателот како и рутите за илегален превоз кон Турција кои се блокирани. Што се однесува до човечкиот попис, биле "елиминирани" преку 2.000 борци и најмалку 17 нивни команданти.
Сега ситуацијата во Сирија ја мониторираат со 70 летала без човечки екипаж кои заедно со разузнавачките податоци и сателитските снимки ја надополнуваат сликата од теренот.