По вчерашната објава за падот на Азовстал, руски парламентарци, кои го водат Азов како нацистичка милиција побараа отфрлање на каква било замена на затворениците за руски војници.
„Јасно е дека размената и на само еден од овие криминалци ќе биде прогласена од колективниот Запад како победа за Украина,“ порачал Анатолиј Васерман, поранешниот пратеник во украинскиот парламент, што во 2021 освои пратеничко место во рускиот парламент, кој побарал со закон да се забрани ваквата размена.
На ова одговорил претседателот на Думата, Вјачеслав Володин, кој потврдил дека „нацистичките криминалци не треба да бидат разменети, тие се воени криминалци и мора да направиме сè за да ги изведеме пред правдата.“ Володин најавил дека службите на Думата ќе ја започнат неопходната процедура.
За Леонид Слутски, претседателот на комитетот на надворешни работи на Думата и преговарач со Украина, јасно е дека заробените Азовци треба да бидат убиени:
„Тие не заслужуваат да живеат по монструозните злосторства против човештвото што ги извршија и што постојано се извршуваат над заробените руски војници“.
Русија и Украина веќе извршија неколку размени на затвореници со кои ослободија десетици свои војници.
Раководителката на мисијата на О.Н. за човекови права во Украина, пред некое време врз основа на „кредибилни информации“ порача дека и украинската и руската страна ги малтретираат воените заробеници.
„Добивме кредибилни информации за тортура и нехуман третман од украинските вооружени сили на воени затвореници кои им припаѓаат на руските вооружени сили и придружните вооружени групи,“ изјавила Матилда Богнер.
Богнер тврди дека заробените руски војници „биле присилени да даваат изјави, извинувања и признанија, и други форми на понижување“.