Русите со пари развија фобија од листата на Форбс

Листата на милијардери на Форбс стана „токсична“ за најбогатите Руси откако истата беше употребена од американските власти за составување на нивен официјален список на олигарси поврзани со Кремљ.

Вагит Алекперов (лево) со Владимир Путин

Според рускиот весник РБК, бизнисмените вклучени на „Путин листата“ изгубиле вкупно 1,06 милијарди долари во рок од 24 часа по објавувањето.

Најголемите загуби ги има Вагит Алекперов, сопственикот на Лукоил, кој е во минус од 226 милиони долари. Процените на Форбс се дека богатството на Алекперов изнесува околу 14 милијарди долари. Минусот на Абрамович е околу 60 милиони долари. За разлика од нив богатството на Алишер Усманов, сопственикот на Арсенал, по објавување на списокот се зголемило за 16 милиони долари.

„Форбс листата од листа на суета се претвори во токсична листа,“ објаснува главниот уредник на руското издание на Форбс, Николај Мазурин, со поплака дека дел од богатите Руси кои претходно со задоволство разговарале со магазинот сега ладно се однесуваат кон него.

Американското министерство за финансии потврди дека ги користело бројките од Форбс во составувањето на сопствената листа на најбогати Руси. Иако луѓето на новиот список не се мета на инстантни санкции, како блокирање на визата и замрзнување имот, тие е поверојатно да се соочат со дополнителни компликации кога работата со американски и европски банки.

Самиот Мазурин нагласува дека добар дел од луѓето што се нашле на американксиот список „на ниту еден начин не можат да бидат опишани како олигарси поврзани со Кремљ“. Како пример тој ги дава Аркадиј Волож, основачот и директор на рускиот пребарувач Јандекс, и Валентин Гапонтшев, американски граѓанин, чија компанија базирана во САД, ИПГ Фотоникс, произведува фибер-оптички ласери.

1 февруари 2018 - 10:40