Ако постои Чајна Таун и Кореан Таун, зошто и ние да немаме наш град? – објаснуваат Иранци од Лос Анџелес, сместени во добро позициониран кварт на градот кој се граничи со Беверли Хилс.
Се проценува дека во Јужна Калифорнија живеат до половина милион луѓе од Иран а огромниот број од нив е сместен во Техеранџелес. Натписите на дуќаните се на Персиски, главно се зборува Фарси, јазик кој масовно се учи и од Американците за да можат да влезат во бизнис светот на Техеранџелес. А тој свет им а сериозни играчи, како што е основачот на e-Bay или актуелниот CEO на Youtube.
Првата посериозна група имигранти доаѓаат во 60-тите години, но најголемиот бран се случува по 1979-тата година и Иранската револуција во која беше симнат шахот Реза Пахлави.
Добар дел од нив не планирале да останат во САД:
"Ние дома имаме една поговорка 'Кога одиш некаде, не ги распакувај куферите'. И ние така, еве веќе 32 години," вели еден Иранец од ЛА.
Задоволни се од гостопримството и отвореноста на Американците но признаваат дека некогаш им е полесно да се претставуваат како Персијци отколку како Иранци.
"Кога ќе кажеш Персиец, тоа ги асоцира на мачки и килими, па муабетот тече. Кога ќе кажеш дека си Иранец, некогаш те гледаат како да се сигурни дека збогатуваш ураниум во гаражата," објаснува човекот.