Во пофалбата што Буш ја добива за наградата од колумнистката на Вашингтон пост меѓу другото е и дека тој во говорот не употребил зборови како „лузери“ или „победници“ или бескрајно повторување „јас, јас, јас...“, како очигледна спротивност на човекот кој моментално чучи во Белата куќа.
Располагајќи со комплетната историска перспектива на изминатите 17 години, колумнистката, инаку по расположение централно-десна, порачува дека Буш „како и секој друг модерен претседател освен актуелниот, разбра дека целта е да се употребат ресурсите на Америка за светот да биде побезбеден и послободен, што за возврат ќе се врати во наша корист.“
Во ова ширење слобода и безбедност лагодно се заборавени над 500.000 мртви Ирачани како последица на американската инвазија на Ирак, во тоа време спроведена наспроти противењето на како ретко кога обединетата меѓународна заедница, и генерално поддржана само од Тони Блер. Во бројката не е влезено сето она што се случуваше и се уште се случува во регионот и малку пошироко во Арапскиот свет како последица на одлуките на тимот Буш, Чејни и Рамсфелд.
Крајно успешно пакувајќи ги под тепих сите претходни слободољубни ангажмани на секоја можна американска администрација, Џенифер Рубин, на Трамп му забележува за прекршување на меѓународни договори, а истовремено е згрозена што Трамп се користел со уцени против најразлични држави низ светот за да го постигне тоа што го сака, наспроти претходните стопани на Белата куќа кои во исти цели посегаа по бајадера, а не по носачи на авиони, бомбардери, томахавк ракети и останат арсенал со кој располагаат САД.
Повторно навраќајќи се на човечноста на Буш, таа цитира дел од неговиот говор по повод наградата кога кажува дека „трошењето на помалку од 0,2% од државниот буџет за да се спасат милиони животи нешто што е морално и практично да се направи, и е во интерес на националната безбедност на Соединетите Американски Држави.“
Конзервативните процени се дека американскиот трошок за војната во Ирак од 2003 до 2017 изнесува 2400 милијарди долари, или околу 14 милијарди долари месечно.