Минусот микрочипови се претвори во вишок

Се што требало за глобалното снабдување со чипови да се врати во нормала е војна во Украина и висока глобална инфлација.

Ако до пред некој месец микрочиповите се дилаа како најголема скапоценост, сега производители како Микрон технолоџи објави дека има доволно залиха и дека ќе почнат да го намалуваат производството.

Слично како што народ трупаше тоалет хартија за време на пандемијата, така производители трупаа залихи од чипови.

„Претходно ’точно на време’ снабдувањето беше стандард за фискално конзервативните компании, кои нарачуваат делови колку можат поблиску до моментот на производство за да избегнат вишок залиха, да намалат зафатеност на магацините и да скратат трошење однапред,“ пишува Ројтерс.

Добра работа заврши и крахот на криптовалутите, заради кои се ослободи значителен дел од залихата со чипови на пазарот.

Новата ситуација во индустријата значи дека најсериозно ќе бидат погодени најмалите производители, кои ниту имаат, ниту можат да имаат голема залиха.

Иако не е познато колку вишок чипови има по магацините низ светот, залихата од првиот квартал за 2022 достигна рекордно високо ниво кај клучни компании за производство на електроника. Претходниот ваков рекорд е пред две децении во времето пред пукањето на дотком балонот.

Чиповите за автомобили се еден сегмент кој нема намалено со производството бидејќи авто-производителите и понатаму нарачуваат повеќе чипови отколку што им требаат, и тоа е тренд кој се очекува дека ќе продолжи.

14 јули 2022 - 10:33