Зад целата иницијатива стои милијардерот инвеститор во Силициумската долина (во компании како Твитер, Тесла и Скајп), Тим Дрејпер, кој со месеци тера кампања во која бара да биде поделена најнаселената американска сојузна држава.
Во понеделникот тој објави дека петицијата има собрано 808.000 потписи (од 38 милиони жители), и се очекува прашањето да биде ставено на гласање во ноември 2016-та, на истото ливче со следните претседателски избори.
Планот за поделба предвидува од Калифорнија да бидат создадени следните држави:
- Силициумска долина (која ќе го опфаќа и Сан Франциско)
- Џеферсон (по третиот претседател на САД, и ќе го опфаќа најсеверниот регион)
- Северна Калифорнија (во која влегува Сакраменто)
- Јужна Калифорнија (составен од Сан Диего и источните предградија на Лос Анџелес)
- Централна Калифорнија
- Западна Калифорнија (во која дел влегува Лос Анџелес)
Дури и ако планот биде изгласан (што е малку веројатно), тој ќе треба да биде прифатен и од американскиот Конгрес (што исто така е малку веројатно).
"Ова е колосално губење време, енергија и пари, што ќе му наштети на брендот Калифорнија. Има нула шанси да биде прифатен, а единствено што му успева е да ги преплаши инвеститорите, во време кога Гувернерот се обидува да направи економски камбек," објаснува политичкиот стратег за демократите, Стивен Мавилио.