„Ако мислите дека Русија не победува во инвазијата во Украина, тогаш земете го ова предвид: последните сметки за гас од Москва се три пати поголеми отколку пред една година; Мари Ле Пен предводи руски наклонет политички блок на кој француското претседателство му е на дофат; а од денес, западните лидери повторно ќе почнат да пристигнуваат Москва за да го дворат претседателот Владимир Путин да постигне договор со Украина,“ пишува во својата анализа авторот и новинар на Политико, Рајан Хит.
Сижето на Хит се однесува на исходот од првиот круг од претседателските избори во Франција, во кои Ле Пен продолжува во втор круг против Макрон, кој има само минимална предност.
Веројатно најголемо изненадување од трите настани е тоа што во понеделникот во Москва се појави првиот лидер на држава членка на ЕУ, австрискиот канцелар Карл Нехамер, што се толкува како неофицијален крај на дипломатската блокада на Путин.
На финансискиот фронт победата на Путин, или поразот на Украина, е што се предвидува дека руската економија во 2022 ќе се намали за 11%, но украинската за 45% (според најлошото сценарио и до 75%). Утеха за Русите во ова е што исто така имаше предвидувања и за крах на рубљата кои за сега не се случија.
Хит ги повторува веќе кажаните математики за испораката на гас од Русија до ЕУ, и испораката на пари од ЕУ до Русија, размена која и покрај сите напори на Унијата е малку веројатно дека ќе запре во скоро време.
„Со други зборови, можеш да победиш дури и кога си понижен на воено поле,“ пишува Хит.