Еден колега на Сноуден под најголема тајност контактира со Форбс. Откако неговиот легитимитет е потврден преку адвокатот на Сноуден, тој го кажува своето мислење за одметнатиот колега: принципиелен и ултра-компетентен, до некаде и ексцентричен вработен, и човек кој ги заслужи пермисиите потребни за остварување на планот за објава на документи преку импресионирање на претпоставените со својот талент.
Колегата на Сноуден сакал да ги негира приказните кои излегоа од НСА и медиумите за тоа како Сноуден успеал да дојде до овие документи и да ги објави. Според него, Сноуден не ги измамил колегите да му ги дадат лозинките, ниту пак генерирал SSH клучеви за недозволен пристап. Туку, тајната на Сноуден е што претпоставените му дале пристап.
"Детето беше гениј меѓу гении. НСА е полна со паметни луѓе, ама секој што седнал на состанок со Ед ќе ви каже дека тој беше во класа сам за себе... Никогаш немав видено такво нешто," изјавил анонимниот извор за Форбс.
Меѓу другите работи што за Сноуден ги кажал поранешниот колега се:
- Пред да дојде во НСА Хаваи, Сноуден ги импресионирал функционерите на НСА развивајќи систем за бекап кој НСА почнала на големо да го користи во своите операции.
- Тој често пријавувал безбедносни пропусти во софтверот на НСА. Од нив голем број никогаш не биле закрпени.
- Сноуден на Хаваи е донесен како експерт за сајбер безбедност, кој работел во одделот за сервиси на Дел, ама заради проблеми со договорот бил префрлен и станал администратор на системите на Микрософт. Импресионирани од неговите технички способности, менаџерите на Сноуден одлучуваат дека тој е најквалификуваниот кандидат за правење на еден од нивните проекти и покрај тоа што бил само надворешен соработник. Како што кажува неговиот колега, нему му биле дадени полни администраторски привилегии, со неограничен пристап до податоците на НСА. "Голема грешка од сегашна гледна точка. Ама ако имаш човек што може да направи работи што никој друг не ги може, и единствениот проблем е што неговата значка е зелена наместо сина, што би направил ти?" објаснува колегата на Сноуден.
- Како негирање на тврдењето дека Сноуден од своите колеги го украл пристапот до документите, колегата тврди дека на Сноуден му била дадена и лозинката од менаџерот за да го покрива додека овој бил на одмор. Истрагата покажала дека дури и во овој случај нема докази дека Сноуден ја злоупотребил својата позиција.
- Претпоставените на Сноуден толку биле импресионирани од неговите способности што нему во еден момент му било понудено да биде дел од елитниот тим на хакери на НСА Tailored Access Operations. Тој ја одбил понудата.
- Додека работел во Хаваи, Сноуден на своето биро чувал копија од Уставот на САД, и го користел како референца кога дебатирал дека активностите на НСА се противуставни.
- Сноуден често анонимно оставал мали подароци на бироата на колегите.
- Тој често одел низ ходниците на НСА со рубикова коцка. Ова е истиот предмет што тој го искористил во Хонгконг за да биде идентификуван кога прв пат се сретнал со новинарите.
- Колегата објаснил дека со тек на време полека почнале да ја разбираат одлуката на Сноуден да ги објави фајловите на НСА. "Бев шокиран и се чувствував предаден кога прв пат ги чув вестите, ама како што минува времето почнува да верувам дека тој навистина сака да ја направи правата работа. Не се согласувам со неговите методи, ама разбирам зошто го направил ова. Нема да го наречам херој, ама сигурно не е предавник."