Видеото објавено на Снепчет е снимено во четвртокот во училиште во предградие на Париз, а на него ученикот со вперен пиштол бара од професорката (која повеќе изгледа уморна отколку уплашена), да запише дека тој е присутен на час, а не отсутен.
По инцидентот професорката поднесува пријава против 16-годишникот и уште еден негов соученик кој исто така се појавува на видеото. Вториот кратко по приведувањето е ослободен, додека тинејџерот со пиштолот во неделата беше изнесен пред суд за малолетници. Моментално се идентификува човекот што го снимил видеото, а на професорката ќе и биде направена „проценка на психолошкото влијание“ на настанот.
Додека Макрон веднаш го осуди случајот и побара министерствата за образование и внатрешни работи да преземат мерки, Марин ле Пен порача дека од смиреното однесување на професорката се гледа дека ваков вид на инциденти е редовен во училиштата.
Француските медиуми ја смируваат топката пренесувајќи дека пиштолот на видеото е играчка и дека не би можел да ја повреди професорката.
Според француските власти, училиштата во земјата секој ден пријавуваат по 442 сериозни инциденти, од нив 40% се вербални (половина упатени кон професорите), а 30% се физичко насилство меѓу учениците.