Во тек е еден од најинтересните но и најбизарни изборни циклуси за претседател на САД во последно време. Доналд Трамп се зафати со големината на неговите гениталии, Бен Карсон бладаше за пирамидите, Хилари Клинтон со крпа го избришала приватниот меил сервер....
Но, не се само кандидатите кои придонесуваат за ваквото шаренило. Овојпат во игра се и некои од гласачите. На пример оние кои го сакаат Берни Сандерс ама и Доналд Трамп не би им бил лош. Или барем не би бил толку лош колку Клинтон.
Гардијан ги праша фановите на Берни за кого би гласале ако тој изгуби од Хилари. Од 700 реакции, дури 500 рекле дека попрво ќе го заокружат Трамп.
Објаснувањата им се различни, од тоа дека Сандерс и Трамп имаат сличен аутсајдерски профил, или дека и на двајцата им се битни некои заеднички теми (финансирањето на кампањите, војните во странство, трговијата) па се до одлуката да се гласа за кој и да е, само тој да не се вика Хилари а да се презива Клинтон.
Се работи за медиумска сондажа која нема статистички реперкусии. На ниво на репрезентативни примероци Клинтон може да биде мирна со оглед на тоа што далеку повеќе гласови од Берни сепак би отишле кон неа отколку кон Трамп.
Па сепак, ова покажува интересна динамика на тамошниот политички процес. Дека на луѓето им е преку глава од фаци од естаблишментот, на ликови кои се - можеби и коруптивно - составен дел од системот на кој очајно му треба промена.
Како што напишал еден фан на Сандерс:
"Трамп е одвратна и вулгарна битанга кој треска глупости. Меѓутоа, за разлика од Клинтон - а слично како Сандерс - тој барем е аутсајдер кој сфаќа дека и власта и економијата ни се скршени".