Казната се однесува на одлуката на Полска да не ја укине дисциплинската комора на Врховниот суд, која според критичарите дозволува отпуштање на судиите по политичка основа.
Европскиот суд на правдата уште во јули побара суспендирање на комората објаснувајќи дека таа не гарантира независност на судството.
Казната од милион евра на ден, ЕСП ја објаснува како „неопходна за да се избегне сериозна и непоправлива штета на правниот поредок на Европската Унија и на вредностите на кои е основана Унијата, посебно владеењето на правото“.
Другите, главно западни и северни, земји членки на ЕУ инсистираа на Полска да не и биде дозволено да зема субвенции од ЕУ додека не ги почитува принципите на Унијата.
Ставот на Полска отприлика е содржан во изјавата на полскиот министер за правда, според кого казната е „узурпација и уценување“.
Околу потенцијалното одбивање на Полска да ја плати казната, полските опозициски пратеници објаснуваат дека тоа би било техникалија бидејќи „Европската комисија едноставно ќе ги одбие парите од средствата што и следуваат на Полска“.