Претседателите на Естонија и Латвија се залагаат за поопширен збир мерки кои подобри би ја позиционирале Алијансата за војна со Русија. Освен враќањето на служењето војска, тие ги повикуваат колегите од НАТО да воведат специјален данок на одбрана со кој значително ќе се зголеми одбранбената потрошувачка.
Како што објаснува латвискиот претседател, Едгарс Ринкевичс, неопходно е европските држави да се вратат на нивото на воена потрошувачка од Студената војна и да почнат повторно да разговараат за задолжително служење војска за засилување на своите вооружени сили.
На Ринкевичс му е јасно дека задолжителното служење војска може да биде непопуларна мерка, меѓутоа потсетува дека европските држави веќе имаат проблем со регрутирање.
„Никој не сака војна, ама проблем е и што никој не сака да биде освоен, и никој не сака на него да му се случи Украина,“ порачал Ринкевичс.
Естонскиот претседател малку повеќе е свртен кон парите, па освен воведување специјален данок за финансирање на војската, ја повикува Европа да им парира на САД во минималната потрошувачка.
Балтичките членки на НАТО последниве години константно ја зголемуваат воената потрошувачка, а откако се во Алијансата упорно го предупредуваат Западот за опасноста од руска агресија.
Иако се меѓу најгласните поборници за санкции против Русија, балтичките држави се и постојано најкритикувани од ЕУ заради нивниот драстично зголемен извоз на производи во централно-азиските држави, по почетокот на војната во Украина. Сомнежот е дека овие производи потоа се извезуваат во Русија, што ја објаснува и преполнетоста на руските продавници со западна стока.