Британски болници: Сите ако носат маски, ќе има ли за нас?

Управите на најголемите британски болници изразија загриженост дека евентуална владина препорака за општо носење маски ќе го поремети ланецот на набавки и дека без маски ќе останат оние на кои најмногу им требаат. СЗО проценуваше дека општото носење маски може да доведе до чувство на лажна сигурност па луѓето да се опуштат.

Количините на маски наменети за британскиот национален здравствен сервис би биле доведени во ризик доколку владата почне да промовира општо носење на маски, предупредуваат управите на британските болници. Владините научни советници допрва треба да го разгледуваат тоа прашање и да донесат одлука дали на владата ќе ѝ сугерираат такво решение. 

Добавувачите за јавното здравство велат дека за една таква одлука мора да постојат јасни докази кои би го оправдале општото носење маски и потсетуваат дека набавките на маски за националниот здравствен сервис е круцијално а се одвива во услови на огромна глобална трка и побарувачка за ова средство.

Светската здравствена организација има соопштено дека не постојат докази кои би ја поддржале употребата на маски меѓу општата популација и дека оние кои не работат во здравство треба да носат маски само ако се болни или се грижат за болен.  

Во упатствата на СЗО порано во месецов се предупредува дека општата употреба на маски може да создаде „лажно чувство за сигурност“ и да ги води луѓето да ги игнорираат другите мерки за заштита, како што е миењето раце и држењето дистанца.

Германија само што реши носењето маски да е задолжително во јавен транспорт и при пазарење, а Франција планира да дели маски кога ќе прогласи олабавување на мерките.

22 април 2020 - 20:23