Брендовска битка за претседател

Од април 2011-та до април 2012-та Обама и Ромни имаат потрошено 109 односно 91 милион долари. И тука како и во кампањата комплетно се разликуваат, од тоа кој им е мобилен оператор, до продавницата за хефталици.

Седиштето на Обама е во Чикаго, додека на Ромни е во Бостон. До сега сметката за мобилни на кампањата на Обама е 230.305 долари, а на Ромни е 156.941 долар. Обама е на АТ&Т а Ромни е на Веризон.

Обама има платен персонал од 631 лице низ целата земја, додека Ромни работи со 93. Штабот на Обама има потрошено 4.643 долари на пица, а опозицијата цели 10.185 долари. Плус, Обама има платено 3.109 долари за брза храна, исклучиво сендвичи од Сабвеј (Мекдоналдс, Бургер кинг и слично се забранети), а кетерингот им е од "Big Delicious Planet" од Чикаго, кој за една година им има фактурирано 13.668 долари.

За кетеринг, Ромни исклучиво го ангажира славниот готвач Волфган Пак, кој до сега ја чини кампањата 12.765 долари. Брзата храна им е исклучиво од Мекдоналдс, за што платиле 1.320 долари. За престој Обама го има избрано Холидеј Ин (106.000 долари за една година), а Ромни (најчесто) престојува во Мериот (644.249 долари).

Обама најчесто се рекламира на интернет, за што има платено 21,4 милиони долари, додека Ромни најчесто го има на телевизија, што го чини 18 милиони долари. Едно од ретките нешта околу кое се согласуваат се компјутерите. И двајцата се љубители на Мекинтош, со таа разлика што Обама на Епл има потрошено 295 илјади долари, а Ромни околу 60.000.

Ромни и плаќа 7,4 милиони долари на најскапата консултантска компанија што ја користи (а соработува и со поевтини), додека најскапите консултанти до сега го чинеле Обама едвај 600 илјади долари.

 

28 мај 2012 - 17:30