По неколку месеци натегања, Претставничкиот дом на САД конечно одобри воена помош вредна над 61 милијарда долари за Украина.
Тоа го подржаа 210 Демократи и 101 Републиканец а 112 Републиканци гласаа против.
Пред гласањето, поранешната демократска спикерка, Ненси Пелоси, ладнокрвно го подигна влогот кој е во игра:
„Ако ја изберете рутата на Путин, ќе имате крв на рацете, крвта на децата, крвта на нивните мајки силувани пред нивните родители, силувани пред нивните деца“.
Неодамна Зеленски ги предупреди американските политичари дека без очекуваната американска помош, Украина ќе ја изгуби војната.
Конгресмените гласаа за пакет вреден вкупно 95 милијарди долари. Спикерот го одвои гласањето за Украина од финансирањето на Израел, што е пошироко поддржано и кај Демократите и кај Републиканците. .
Од 95-те милијарди долари, приближно 26 милијарди долари одат за Израел, 61 милијарди долари за Украина (при што голем дел од финансирањето оди за надополнување на американската муниција), 8 милијарди долари за американските сојузници во Индо-пацифичкиот регион, вклучително и Тајван, и 9 милијарди долари за хуманитарни цели и помош за цивилите во воените зони, како што е Газа.
Од 60,7-те милијарди долари за Украина, вкупно 23 милијарди долари САД ќе ги искористат за да ги надополнат своите воени резерви, отворајќи ја вратата за идни воени трансфери на САД во Украина. Други 14 милијарди долари ќе бидат наменети за Иницијативата за безбедносна помош во Украина, во која Пентагон купува напредни системи за оружје за украинската војска директно од американските одбранбени изведувачи.