Ако кампањата на Хилари Клинтон изгледа помалку ладна и без многу емоции ама затоа математички прецизна и педантна, тоа се должи на фактот дека таа кампања суштински ја профилира Елан Кригел, шеф на аналитичкиот центар на Клинтон.
Тој е еден од најмалку познатите но најдобро платени соработници на Клинтон. Има екипа од 60 математичари, статистичари и аналитичари кои се централниот нервен систем на целата кампања и ја одредуваат до најмал детал.
На кои телефони да заѕвонат волонтерите, на кои врати да тропнат, каде да се одржи предизборен собир, каде и колку рекламен материјал да се дистрибуира, во кои емисии и во кои термини да се пуштат спотови.... сето тоа го одредува екипата на Кригел и нивните компјутери и алгоритми.
"Не само што нашиот авион вози по рутата која ќе ја одреди Кригел туку ние не го ни палиме авионот ако не добиеме зелено светло од него," вели член на изборниот штаб на Демократите.
Предноста на ваквата data based кампања му е јасна на Зак Мофат, кој му беше дигитален директор на Ромни во 2012 година и го чувствуваше истиот хендикеп во однос на аналитичкиот штаб на Обама.
"Ако се подготвиш на време, не може отпосле да те стигнат. Не може дете да се роди за помалку од 9 месеци, дури и ако најдеш повеќе трудни жени," вели тој.
Најинтересен детал од биографијата на Елан Кригел е што тој започна како продуцент на Бил О' Рајли, конзервативниот тешкаш од Фокс и огорчен непријател на Клинтонови.