32-годишниот Мартин Шкрели, прво се искара на Твитер, навреди еден новинар кој му постави прашање, а потоа отиде на Редит за да се справи со коментарите. Тој имаше и гостување на телевизија каде со ироничен потсмев ја бранеше одлуката на неговата компанија.
"Справувањето на Шкрели со поскапувањето на Дараприм беше, во секоја можна смисла, училишен пример за тоа што НЕ треба да се прави по ПиАр криза. Како резултат на ова интернетот го прогласи за 'најомразениот човек во Америка' и 'шупакот од фармацевтската индустрија,' а доби осуда дури и од Доналд Трамп, кој јавно го нарече 'размазено детиште,'" пишува Прајсекономикс.
Прашањето на Прајсекономикс е што можеше Шкрели да направи, а одговара Ричард Левик од една од водечките американски компании за кризен ПиАр, Левик Стратеџик Комуникејшнс, кои имаат работено на излевање нафта, авионски несреќи и слично.
Прво нешто што го објаснува Левик е дека ПиАр индустријата е комплетно сменета од пред 20 години, кога тој почнувал. На времето, работата се сведувала на познавање на клучни новинари, интелектуалци и аналитичари, и контактирање со нив за објавување или не објавување на некоја сторија. Денес се' е станато далеку подемократско, "Мет Друџ, кој го објави скандалот со Моника Левински, беше блогер кој од подрум работи во пижами, и на крај е одговорен за импичментот на првиот американски претседател по Ендру Џонсон."
Дополнителна промена е тоа што на времето компаниите и ПиАр агенциите имаат фора додека весниците и телевизиските вести ја објават информациите, за разлика од денес кога се' оди инстантно на Твитер.
Левик објаснува дека има 3 универзални елементи во справувањето со ПиАр криза: акција, транспарентност и лидерство.
Тој го дава примерот со Џонсон и Џонсон и лекот Тајленол, спектакуларно успешен лек (над 100 милиони корисници годишно, 37% од американскиот пазар на лекови против болка) се додека дел од една негова пратка не е испорачана во капсули обложени со цијанид, од што умираат 7 луѓе.
Тогаш прво нешто што прави претседателот на Џонсон и Џонсон, Џејмс Бурк, е да ја предупреди американската јавност, преку националните медиуми, за проблемот (ова е транспарентност). Потоа, застанат пред табелата за раст на профитот од лекот го поставува прашањето "Како да ги заштитиме луѓето?" (лидерство). Иако само мал дел од лекот е проблематичен, тој наредува комплетно прекинување на производството и маркетингот на Тајленол, а лекот е повлечен од сите продавници во Америка, и потрошувачите се предупредуваат да го купуваат (акција).
Департманот за одбрана го анализира целиот случај, и елаборира за неговите резултати:
"Со повлекување на целиот Тајленол, иако имаше многу мали шанси за откривање на уште таблети премачкани со цијанид, Џонсон и Џонсон покажа дека тие не се подготвени да ја ризикуваат безбедноста на јавноста, дури и ако тоа ја чини компанијата милиони долари. Крајниот резултат е јавен консензус дека Тајленол е несреќна жртва на нечиј малициозен криминал."
По кризата акциите на Џонсон и Џонсон бележат раст во цели 120 квартали. А луѓето го перципираат Бурк како некој на кого луѓето му се поважни од профитот.
За конкретниов случај Шкрели има сосема исправен лек, без цијанид, на кој му ја крева цената, меѓутоа ПиАр кризата настанува кога тој решава жестоко и незрело да ги брани своите постапки. Дури кога веќе беше премногу доцна и е скаран со сите, Шкрели решава да ја спушти топката и да ја врати оригиналната цена на лекот.
Предлог планот на Левик за решавање на проблемот на Шкрели е:
"Еден: Проценуваш колку е лоша ситуацијата. Какво минато имаш со носењето вакви одлуки? Дали оваа е исклучок, или имаш серија слични решенија кои ќе те прогонуваат? Ако ова е комплетно некарактеристично за тебе, повлечи се и извини се. Биди искрен и веднаш стори го ова.
Два: Утврди кого имаш навредено со твоите постапки. Натерај претставници на навредените групи да излезат во јавност и да ти простат. Луѓето слушаат со своите очи: ако видат луѓе од своите заедници на кои им веруваат, како доаѓаат во твоја одбрана, и тие многу побрзо ќе ти простат.
Три: Содржината е кралот. Колку повеќе на интернет имаш содржина што е во твоја корист, толку повеќе таа надолу ќе го притиска надолу секој прекршокот."
Грешката на Шкрели е што тој нема добра историја и има слични контроверзии и во минатото. Освен тоа со размрдувањето на интернет духовите, тој на површина ги извади и сите најразличните обвинувања против него од конкуренцијата, кои со години беа закопани под купиштата интернет содржини.
"Сепак, Левик објаснува дека типот на криза што го минува Шкрели обично има краток рок на траење и ретко кога е фатална. Ако времето не' научи нешто тоа е дека најголемиот дел од луѓето ќе кажат што имаат, и ќе продолжат понатаму, а потоа и комплетно ќе заборават во рок од неколку недели. И потоа, Шкреловците од светот, ќе си продолжат со работа како ништо да не било," завршува Прајсекономикс.