Стивен Колбер

Зошто мислам дека жените треба да бидат главни во сè

Пред сè, чест ми е да пишувам за Glamour, магазин кој е толку софистициран што има дополнително "u" во своето име. Сите првокласни публикации го имаат, како The New Yourker и Rolling Stoune.

Сакам да и се заблагодарам на редакцијата на Гламур што ме покани да учествувам. Ова е фина утешна награда за тоа што не бев избран за Жена на годината. Не дека па ја сакав наградата. Мислам дека таа чест треба да и припадне на жена. Тоа е еден од начините на кој сум феминист.

Да не бидете во заблуда: ги сакам жените. Оженет сум со жена, ме роди жена, и играв жена во средношколската претстава за Ромео и Јулија. Никој друг не го собираше во елекот.

Жените денес имаат толку многу паметни, умешни и интуитивни примери. Не треба да бараш подалеку од Мариса Мајер, Мишел Обама, Сакаџева, и зелената М&M.

И според пописот, жените се побројни од мажите. Момци, технички ова ве прави малцинство, ама веројатно најдобро е тоа да не наведувате на апликацијата за кредит за колеџ.

Ми имаат посочено дека јас, како и останатите водители на ноќни ТВ шоуа, сум машко. И иако сум среќен што имам работа, јас сум изненаден што светот на ноќни ТВ шоу има таков недостаток на женско присуство, за разлика од ситкомите, кои се натрупани со презгодни жени кои ги учат своите несозреани мажи корисни лекции кога ќе направат неочекувана глупост.

Иако има голем број талентирани женски комичари, моментално светот на ноќните ТВ шоуа малку е колбасијада. Можеби еден ден сето тоа ќе биде обратно.

И мојата не е единствена професија на која и недостасуваат доволно жени. Каде се жените ковачи? Каде се одржувачките на базени, хаусмајсторките, или ЦЕО-а на Форчун 500 компании? Зошто сите оние мињони изгледаат како мали фалуси? Зошто Лудиот Макс е најмногу платен во Патот на Гневот кога во основа тој е само мрчаторски држач за пушката на Чарлиз Терон? Секако, историски, нашата напредна индустрија за американски претседатели дефинитивно е наклонета кон мажите - но тоа може да се промени во 2016-та. Карли Фиорина, луѓето гледаат во тебе.

Дури и кога жените ќе успеат, нивните приказни често пати остануваат нераскажани. Дали знаевте дека првиот компјутер, ENIAC, е програмиран од 6 жени математичарки? Ако не беа овие жени програмери, можеби денес немаше воопшто да имаме компјутери. И тогаш како луѓето ќе читаа еманципаторски текстови како "20 згодни актерки без шминка! (#5 ќе ве натера да ја проверите вашата верба во Бога!)"?

Мојата поента е следната: Зошто се уште постои полова нееднаквост, и како можеме да ја спречиме? Јас ги немам сите одговори. И искрено, сексизам е да мислиш дека ги имам само затоа што сум машко. Ма ајде!

Освен тоа, не ми е на мене местото да ти ги објаснам (mansplain) институционалните (manstitutionalized) недостатоци (manvantages) вградени во американското (Americman) општество (manciety). Тоа би направило да изгледам како вистински шупак (manhole).

Да бидеме искрени, понекогаш се прашувам дали светот би бил подобро место ако жените беа главни. Ова е многу лесно да се случи. Едноставно кажи им на мажите на светот дека се обидуваш да запалиш логорски оган. Додека сите ние меѓу себе се расправаме кое е правото позиционирање на гранчињата за распалување и дали користењето на бензин за Зипо е мамење*, жените можат да почнат да вршат работи.

Се додека не се случи оваа револуција јас ќе продолжам да се борам за жените, бидејќи јас сум маж кој е длабоко во контакт со својата женственост. Верувам дека сексуалноста е спектрум, и на него јас се наоѓам некаде меѓу Ченинг Татум и Вини Пу. Пу и јас дефинитивно сме согласни околу не носење пантолони. Во моментот кога стапнувам дома, ги снемува - и до глуждови сум во теглата со мед.

Ги сакам сите работи што ги сакаат и жените: микротопчиња за ексфолиација, драми во костуми од минати епохи, вториот ред од стомачните на Џо Манганиело, плата сразмерна со моите способности, Јорк пеперминт колачињата, Леголас, почит од моите колеги, и да бидам згреан.

Жените и физички можат да се идентификуваат со мене. Имам женски колкови, и тие ги исполнуваат моите Левис со низок струк. Стомакот со денови ми претекува од нив. Секако, другите водители се поубави за око. Џими Фалон го има младешкиот шарм, а за жени кои се по жени, ако малку зажмурите, Џими Кимел речиси личи како недоработена Мила Кунис. Меѓутоа на женската публика и треба повеќе од убаво лице. Ним им треба некој кој ќе го претставува нивниот глас. Мислам дека овој есеј покажа дека имам автентична женска перспектива, бидејќи најголемиот дел од ова е напишано од двете сценаристки што работат за мене.

Поентата е, тука сум за тебе, и тоа значи дека ќе дадам се' од себе за да создадам Лејт Шоу кое не само што ќе се обраќа на женската публика туку и ќе го слави нејзиниот глас. Денешнава телевизија ќе ве натера да верувате дека да бидеш жена значи сензуално да јадеш јогурт, да најдеш начини како да се чувствуваш самоуверено во тешки денови, и да бараш нова куќа. Но, јас ќе направам шоу кое навистина ги почитува жените, бидејќи знам дека има повеќе начини на кои можеш да бидеш жена. Можеби си жена која сака жени. Можеби си жена која сака мажи. Можеби си жена која неодамна направила транзиција. Можеби си машко кое го чита овој магазин затоа што девојка ти го купила и ти изгледало интересно.

Кој и да, јас ветувам: ќе се наклонам (Lean In - насловот на книгата на Шерил Сандберг, директорка во Фејсбук која зборуваше за искуството на жените на работните места) кон ова. Стварно ми излегува вишокот од стомакот.

Стивен Колбер за Гламур

*E!

15 август 2015 - 17:48