Полски и украински националисти: взаемно потребни непријатели

Размерно незабележано мина вчерашниот инцидент во градот Луцк на западот од Украина каде непознати лица со фрлач на гранати пукале на полскиот конзулат. А не е често на дипломатско претставништво во Европа со такво оружје да се направи дупка со дијаметар од 70 сантиметри.

Додуша одамна е познато дека во Украина веќе со години се води војна, но местото на вчерашните случувања е оддалечено цели 1200 километри од најблиската линија на фронтот. Овој факт не ги попречи украинските власти за сè да ја обвинат Русија - што веќе стана дел од неизбежната реторика, не само во Украина - иако во оваа прилика тоа беше прилично неуверливо. Русија, имено, по таа интерпретација истовремено е преслаба да го освои Донбас, но е способна и воено да делува во над 1000 километри оддалечениот регион. Исто како што (во друг контекст) е преслаба за успешно да изведе државен удар во Црна Гора, но е доволно моќна да постави свој кандидат за претседател на САД.

Притоа лошите намери на руските власти воопшто не се ставени под знак прашање. Проблемот е склоноста на останатите влади сите свои проблеми да ги објаснуваат со теории за руска завера, посебно кога другите објаснувања не им се поволни.

Бидејќи градот Луцк не е кое било место, тој е центар на Волинската област која пак е предмет на жесток судир меѓу украинскиот и полскиот национализам, практично уште од времето кога овие два феномена стапнаа на историската сцена. Волин е еден од непрежалените изгубени краеви кои своевремено и припаѓаа на "Втората Полска Република" (од периодот меѓу двете големи војни), и денес се идеалот на полските националисти. Истовремено, областа била еден од деловите на таа држава која има уверливо украинско мнозинство, и значителен дел на еврејска популација. Изразито анти-украинската (и анти-еврејската) политика на полските власти го подготви теренот за подоцнежните етнички конфликти, посебно во тек на Втората светска војна.

Уште во 2008 година полскиот парламент донесе резолуција со која убивањето на Полјаците во Волин за време на втората светска војна ја прогласија за геноцид. Оваа резолуција во тоа време беше помалку проблематична, бидејќи извршители на масакрот биле украински националисти и нацистички соработници под водство на Степан Бандера. Меѓутоа истиот тој Бандера во изминатите неколку години во Украина го доживува својот голем камбек. Со обѕир на важноста на екстремната десница во движењето Евромајдан, историскиот лидер на украинските националисти стана еден од поважните симболи на новиот режим. Освен што е прогласен за "национален херој", по него како дел од "декомунизацијата" се наречени десетици улици кои претходно носеле советски, па дури и руски имиња. Највисоките државни функционери му креваа споменици, а - можеби уште поважно, неговиот култ го шират бројни воени, паравоени и полициски единици кои се дел во судирот на истокот на земјата.

Иако силно го поддржуваше Евромајдан, а и самата спроведува слични политики како и украинскиот сосед, Полска не гледа благонаклоно кон растечката популарност на Бандера. Напротив, во последно време се погласно почна да им се заканува на украинските власти дека ја ќе блокира нивната соработка со ЕУ и НАТО, која беше главен мотив за Евромајдан. Истовремено, силната, раширена и вооружена украинска екстремна десница не се воздржуваше од закани кон Полска, која исто како и Русија ја доживуваат како стара колонијална сила. Последните месеци ескалираше и уништувањето на полски споменици во регионот и други инциденти. Овие растечки тензии меѓу земјите кои се формално цврсти сојузници против Русија без сомнеж го радуваат режимот во Москва, но тоа не значи дека тој ги предизвикал. Земајќи предвид дека и едните и другите идеолошката легитимација на својата власт одлучија да ја темелат на етнички шовинизам и историски ревизионизам, никого не треба да чуди ако големодржавните визии повремено им се судрат.

Билтен

31 март 2017 - 10:56