Скопје Сити Мол го најавува „Циркулариум“ - новиот настан за одржливост, размена и втор живот на нештата

На 19 септември, сабота (12.00-22.00) и 20 септември, недела (12.00-20.00) на највисокото ниво од катната гаража во Скопје Сити Мол ќе се одржи првото издание на „Циркулариум“, настан што на едно место го обединува движењето за поодговорна потрошувачка, поправка и рециклирање.

Настанот е конципиран како средба на луѓе, бизниси и организации што веруваат во циркуларниот модел на живеење и на производство. Посетителите ќе имаат можност да истражуваат низ три целини:

Пазарен дел - купување, продавање и размена користени, винтиџ и колекционерски предмети, до еко-производи изработени од природни материјали и обновливи ресурси;

Иницијативи - претставување организации, институции, здруженија, дизајнери, еко-активисти и други креативци што преку својата работа придонесуваат кон создавање поодржлива и поодговорна заедница;

Забавен дел - работилници, демонстрации на поправки и споделување знаења за екологија и циркуларна економија, но и забавни семејни активности со музичка програма и пијалоци.

„Second-hand културата веќе не е нишова појава, ова е движење и начин на живот што опфаќа една цела генерација. Според некои истражувања, над 80% од младите на возраст од 18 до 24 години во ЕУ во изминатата година купиле или продале користени предмети или парчиња облека. Токму затоа веруваме дека „Циркулариум“ е одлична можност не само да се подигне свеста за поодговорното користење на ресурсите, туку и да се покажат едноставни, практични и забавни начини на кои секој од нас може да направи поодржлив избор во секојдневието. Го замисливме како отворен и динамичен простор каде што идеите, креативноста и знаењето се споделуваат, а посетителите не се само публика, туку активни учесници во настанот. Место за дружење, инспирација и поврзување со истомисленици и љубители на second-hand и vintage културата“, велат од Скопје Сити Мол.

Амбицијата на „Циркулариум“ е ова прво издание да биде почеток на една долгорочна платформа што континуирано ќе ги поврзува сите заинтересирани страни, оние што создаваат, поправаат, повторно употребуваат, едуцираат, истражуваат и иницираат промени. Следејќи ги сличните модели на соработка што веќе се развиваат низ светот, Скопје Сити Мол сака да создаде простор во кој различните идеи и иницијативи не се натпреваруваат, туку се надополнуваат и заеднички придонесуваат кон поодржлива иднина.

Инспириран од глобалните практики на водечките шопинг-центри, Скопје Сити Мол е првиот локален мол што се приклучува кон трендот на conscious retail, со цел да ја подигне свеста и да поттикне поодговорни и поодржливи навики во својата заедница. 

Иницијативата е дел од пошироката заложба, вредностите и принципите од програмата за одржливост на Скопје Сити Мол, што ја интегрира грижата за луѓето, планетата и за општеството во секој аспект од своето работење.

(Комерцијален текст)

16 септември 2026 - 08:04