Штетата од нападите беше привремено укинување на производство на 5,7 милиони барели на ден. Ова е над половина од производниот капацитет на Саудијците, и по таа основа резултираше со најголемиот раст на цената на нафтата во еден ден.
„Откако хеџ фондовите направија пари, а младите трговци на берзите беа потсетени дека САД може да пушти во промет огромни количества нафта со еден клик од Стратешките нафтени резерви за да ја симне цената, цените на нафтата повторно паднаа,“ пишува финансискиот новинар и експерт за трговија со нафта, Сајмон Ваткинс.
Она што нападите го покажуваат (повторно) е слабата поткованост и познавање на високите саудиски функционери на тоа како функционира светскиот пазар на нафта, а и саудискиот пазар на нафта.
„Порано верував дека Саудијците нè мислат дека сме идиоти (трговците со нафта), со сите глупости што ги кажуваат и мислат дека им веруваме, ама пред некое време ми текна дека можеби тие навистина не знаат ништо за нафтената индустрија, па не можат да разберат дека има други луѓе кои всушност знаат што зборуваат и дека тоа е една од причините зошто постојано се одложува продажбата на Арамако (саудиската државна нафтена компанија),“ пренесува Ваткинс изјава на еден трговец со нафта.
Тој се зафаќа и со изјавата на новиот министер за нафта, Абдулазиз бин Салман, кој по нападите порача дека кралството планира повторно да достигне капацитет на производство од 11 милиони барели на ден до крајот на септември, а два месеца подоцна да го оспособи целиот капацитет од 12 милиони барели на ден.
Толкувањето на трговците е дека тој очигледно зборува за „капацитет“ а подоцна за „снабудвање на пазарот“ што се термини кои „Саудијците обично ги користат кога сакаат да избегнат да зборуваат колку е вистинското производство, бидејќи капацитет и снабдување не е исто што и актуелното производството што излегува од нафтените извори“.
„Со неоткривањето на вистинските бројки Саудијците се обидуваат да ја заштитат својата репутација како сигурен снабдувач на нафта, посебно кај таргет клиентелата во Азија, па мора сите овие изјави да се земат со претпазливост,“ објаснуваат аналитичарите.
Сомнежот е дека за да го покријат минусот што им се случи по нападите, за кој според експертите треба две недели само да се процени обемот на штетата, Саудијците ќе ја намалат количината на нафта што ја испраќаат до домашните рафинерии. Во корист на ова оди и неодамнешната објава дека планираното затворање заради редовно одржување на САСРЕФ, една од поголемите рафинерии во земјата, е презакажано од крајот на 2019 за октомври.