Како дел од санкциите против Русија, Виза и Мастеркард од 21-ви март престанаа да ги опслужуваат клиентите на Росија Банк и Собинбанк, а ги блокираа и картичките пуштени во промет од СМП Банк. Сите три банки се во сопственост на луѓе кои според САД се блиски на Путин.
Како одговор на ова, Русите изгласаа нов закон кој им забранува на меѓународните системи за плаќање да им ја прекинат својата услуга на руските клиенти. За да се осигураат дека ова нема да се случи, од сега сите компании што нудат вакви услуги ќе треба да остават депозит во вредност од 2-дневниот промет што го имаат на ниво на Русија.
Виза и Мастеркард заедно во Русија обработуваат трансакции во вредност од 1,9 милијарди долари на ден, што е околу 90% од целото безготовинско плаќање во земјата. Ова значи дека тие кај Русите ќе треба да остават депозит од 3,8 милијарди долари.
Законот кој почнува да важи од 1-ви јуни, предвидува дека во случај некоја од компаниите унилатерално да го прекине сервисот, клиентот добива по 10% од оставениот депозит за секој ден без услуга.