„Нема да ги злоупотребам дупките во законот во однос на наследувањето на корпоративната контрола, ниту ќе направам што било што може етички да биде критикувано,“ изјавил Ли Џае-Јонг.
Ваквиот наплив на етичност доаѓа откако Ли во 2017 беше обвинет дека користел пари од компанијата за да ја поткупи тогашната претседателка на Јужна Кореа, со цел да ја зацементира контролата над најголемата компанија во земјата. По ова и Ли и претседателката Парк завршија во затвор. Ли една година подоцна беше пуштен на условно, меѓутоа минатата година Врховниот суд на земјата го врати случајот во апелација каде тој се уште се разгледува.
На семејно разочарувачката прес-конференција Ли исто така изјави дека ќе дозволи вработените на Самсунг синдикално да се организираат, со што ја укина децении старата забрана за синдикати.
Токму заради обидите за растурање на синдикатот на вработените во техничка поддршка на Самсунг, претседателот на компанијата Ли Санг-хун во декември беше осуден на 18-месечна казна затвор. За истото дело заедно со него беа осудени уште 24 сегашни и поранешни високи менаџери на Самсунг.
Ли Џае-Јонг е внук на основачот на Самсунг, и на позицијата доаѓа во 2014 кога татко му доживеа речиси фатален срцев удар по кој повеќе не можеше да ги извршува обврските. Тој без наследството што го очекуваа ги остава својот возрасен син и ќерката тинејџерка.