Преживеаа премногу банки

Европа излегува од финансиската криза но првиот човек на европското банкарство не е сигурен колку долго ќе трае стабилноста. Сомнително му е тоа што премногу банки ја преживеаа кризата. 

Премногу европски банки ја пребродија финансиската криза. По мене требаше далеку повеќе банки да исчезнат од пазарот, изјави за Франкфуртер Алгемајне, првиот банкарски регулатор на ЕУ, Андреа Енриа.

Ја понуди споредбата со САД каде што пропаднаа 500 банки, наспроти едвај 40-тина европски.

"Државите сакаа по секоја цена да ги спасат своите банки и на тој начин го опструираа заздравувањето на европскиот финансиски систем," вели Енриа.

Институцијата која ја предводи, EBA (European Banking Authority), минативе години изврши серија незгодни стрес тестови за банките кои ги бие глас дека се премногу лежерни во работењето. 

Европа во моментов е во процес на креирање нова банкарска унија која би го зајакнала финансискиот сектор. А Енриа е од оние кои сметаат дека се потребни вистински и ефикасни а не бирократски и политикантски механизми за одлучување.

"Не ни требаат комитетски одлуки. Во време на криза комитетите не функционираат бидејќи секогаш раѓаат конфликти," порача првиот европски банкар кој се пожали дека на институции како неговата им се наметнуваат големи одговорности кои не можат да ги понесат бидејќи се судираат со чуварите на поединечните национални интереси.

19 ноември 2013 - 09:17