Пицаааа...

Тенко и крцкаво тесто!

Потребни состојки:

  • 300гр брашно
  • сув квасец
  • маслиново масло
  • сол

Пицааааа!!! Ова е јадењето што го нарачувам секогаш кога ме мрзи да готвам т.е.кога сум многу уморна. Пицава ја направив во ист ден со питата, но како што гледате ми требаше многу време за да ја објавам. Бев на одмор, да не кажам, заслужен одмор. Го искористив да бордам малце, да го фатам последниот снег. Бев на Копаоник. Преубав е за мене! Малце ме нервира што секогаш се враќам здебелена од таму, ама па сега тоа е! Кој може да одолее на свинско што се врти на ражен или на свинска коленица под сач или на ребра или на свадбарски купус со димена сланина, кој?! Најверојатно само вегетаријанците! Како и да е, си поминав супер, се одморив, се наспав и сега може да продолжиме со животот!

Овој рецепт ќе мора да го читате внимателно! Според сликите ќе видите како јас го направив, а ќе ви објаснам во текстот како вие да го направите.

Чекори за подготовка:

  1. Во длабок сад ќе го ставите брашното и една лажичка полна сол. За пица многу е битно брашното. Можеби имате некое што си го користите, но моја препорака е да го употребите она од "Мекиците на стража". Со него тестото излага супер. Во помал сад ставете 200мл топла вода од чешма, мало лажиче, рамно, сув квасец, мало лажиче маслиново масло и помешајте.

  2. Смесата ставете ја во брашното и почнете да месите со раце додека не се спои тестото. Отприлика 3-4 минути. Оставете го да одмори 15 минути.

  3. Откако ќе одмори, размесете го уште 3 минути и поделете го на онолку топчиња колку што сакате пици да правите. Мислам дека ќе можете на 4. Ставете ги во некој сад кадешто ќе бидат доволно раздвоени за да можат да пораснат. Покријте ги со проѕирна фолија и оставете ги на собна температура 4 саати (не на ПАРНО, како што ја направив пошто не ми се чекаше) или во фрижидер преку ноќ. (доколку се одлучите за фрижидер, пред да почнете да го тегнете тестото нека стои на собна температура 30-45 минути) Јас го поделив на две топчиња, но ви препорачувам да го поделите на 4.

  4. Откако е стасано тестото, после сто саати, земете едно топче и расукајте го убаво. Најтенко што можете. Бидејќи моите топчиња беа големи, едно ми зафати површина колку целата тава од шпоретот. Вие нема вака да правите!!!!

  5. Значи, ќе ја уклучите рерната на најјако и така нека работи еден саат додека не се загрее убаво. Откако ќе го растегнете тестото, ќе го ставите алуминиумска фолија, а фолијата нека биде врз некоја даска или слично за да може лесно да ја лизнете во рерната. Врз тестото ставете доматен сос (купете од оние што се во тегличка) и мноооогу кашкавал.

  6. Пицата со фолијата заедно ќе ја ставите на дното од рерната и ќе печете 2 минути. Или проценете вие кога е готова, но не и треба многу. Извадете ја, пропрскајте ја со ситно сецкано лукче, ставете млад спанаќ одозгора, наросете со пармезан и едноставно уживајте во вашата домашна пица!

Хинт:

Рецептот за тесто го имате, јас одбрав да биде со млад спанаќ и лук, а вие одберете со што ви душа сака!
27 февруари 2017 - 12:44