Потребни состојки:
- лиснато тесто
- чоколадо за готвење
- ореви
- банана
- шеќер во прав
- цимет
И како што ви ветив, по добро помината пилот епизода од лиснато тесто, еве ја и втората епизода, овојпат во блага варијанта. Можете да правите какви сакате комбинации. Моите две комбинации се чоколадо со орев и чоколадо со банана. Морам да признаам дека малце бев скептик за бананата како споредна улога, но се покажа многу подобро од оревот. Главната улога ја доделив на чоколадото за готвење бидејќи ми се допаѓа неговата горчлива страна. Се разбира многумина од вас ќе го заменат со Нутела, али ок! Нутела та Нутела. Е па јас ама ич не паѓам во несвест по неа. И да, јас сум таа што ја јаде белата половина од кремот. И да, и палачинките ги јадам со бел крем... или џем... од шипки... ако нема од шипки, тогаш од кајсија.
Ух, драго ми е што ја тргнав цела тежина што ми тежеше на градиве, да продолжиме со рецептот.
Чекори за подготовка:
- Како и минатиот пат, ја палите рерната на 200 степени (опција горе-доле). Додека се загрева, почекајте го и тестото да се одмрзне.
- Фрлете брашно на работната површина и малку врз тестото и расукајте го по должина.
- Пресечете го на пола и повторно расукајте го и по должина и по ширина. На подолгата страна наредете ги коцките чоколадо и врз нив ставете ги оревите.
- Сролајте го тестото двапати и повторно наредете од чоколадото и оревите.
- Ивицата на тестото намачкајте ја со вода за убаво да се залепи, а краевите свиткајте ги како бомбона.
- Земте ја и другата половина и направете ја истата постапка, но овојпат наместо ореви, ставете банани.
- Сролајте еднаш и повторно нов ред на чоколадо и банани.
- Завиткајте ги краевите и ставете ги двете “бомбони“ во тава за печење.
- Печете околу 30-40 минути. Откако ќе бидат готови, веднаш просејте врз нив шеќер во прав и цимет.
- Почекајте малце да се оладат и навалете во ова слатко задоволство. Пак ќе кажам, бананата се покажа многу подобро. Уживајте!