Свинска коленица "гиро стајл"

Стандардната коленица ја завиткав во тортиља!

Потребни состојки:

  • свинска коленица
  • млад компир
  • тортиљи
  • домат
  • кромид
  • кечап
  • сенф

Мислам дека одма се приметува дека не сум веќе на диета. Поготово со денешниов рецепт. Како навалив на храна, како да немам видено со очи, а само со очи се хранев (хм, каква иронија). 

Ова го спремив во вторникот, а вторник ко вторник онаков обичен и досаден ден. Има една изрека "Шо си бе ко вторник?", е па сега јасно ми е што сакал да каже писателот.

Изгорена за храна ми се вртат милијарда рецепти во глава. "Ова ќе го направам", "Ова ќе купам, во комбинација со она", "Не, ова", "Не беее, ова" и така, после долгите разговори со сама себе, решив да не аздисувам многу и да искористам тоа што имам дома за да не го заборавам и на крај да го фрлам и да се изнервирам.

Веќе имав една вакумирана коленица, полуготова и се допекува уште 30-40 мин (ги има во Деликатесен Тинекс). Имав и млад компир. Па си велам, наместо да јадам стандард месо со компир и салата, дај ќе си ја средам коленицава на поинтересен начин или "Гиро стајл". Докупив само тортиљи и морам да ви кажам дека беше ВРВ!

Чекори за подготовка:

  1. Вклучете ја рерната на 220 степени, а во меѓувреме сецкајте ги компирите. Ставете ги во длабок сад, полијте ги со маслинов и сол и убаво измешајте ги. Истурете ги во тава и на средина ставете ја коленицата. Самата коленица ќе пушти маст и компирот ќе биде савршенство. Печете додека компирот не е готов или 30-40 минути.

  2. Исцепкајте го месото од коленицата на страна.

  3. Во тава, ништо не ставате, загрејте ја тортиљата. Од двете страни.

  4. Ставете ја во чинија, и ставете кечап и сенф.

  5. Ставете го месото одозгора.

  6. Па кромидот.

  7. Па доматот. (можеше поубаво да го исечеш!!!)

  8. Па компирот.

  9. Свиткајте го како конус, ставете чечкалица за да не ви се одвиткува и навалете. Ух, колку беше добро!!!

Хинт:

Покасно ми текна дека не ставив ѕаѕики, пробајте да не го заборавите!
19 мај 2016 - 12:35