Сендвич со свинско филе

Просто да се изненадиш колку е добар!

Потребни состојки:

  • багет
  • свинско филе
  • кашкавал
  • млада рукола
  • плаво сирење
  • јагоди (по желба)
  • скара сос (по желба)
  • маслиново масло
  • балзамико крем

"Софка, имам едно смрзнато свинско филе, што да му правам?!"

"Извади го од фрижидер и чекај ме!"

Свинско филе или свински бифтек. Се мислам по пат што да му правам, а да не е само пржено и придружено со некој прилог. Веќе пристигнав кај другарката, гледам дека месото веќе се одмрзнува и отворам фрижидер да видам што друго можам да му додадам. 

"Чек да видам што имаш" 

Фрижидерот полн со салати, сирења, сосови, а таа се решила да вади замрзнато месо, ок!

"Ми се јаде месо, не разбираш, месо ми се јаде!!" ми се раздра небаре нема пробано месо во животот.

"Добро, не туку викај, ќе правам сендвичи!"

"Сендвичи?!"

"Да, овој леб, овој топол багет што си го купила, мора добро да се искористи"

Ми дозволи да ги направам сендвичите и да ви кажам објективно - одлични беа :) Она што е интересно во овој рецепт всушност е начинот на подготовка на месото кое многу ќе ви помогне и за другпат, со прилог по ваш избор, се разбира.

Чекори за подготовка:

  1. Кога станува збор за бифтек, без разлика дали е свински или јунешки, мора да се исчисти т.е. да се извадат жилите и онаа заштитна обвивка позната како "ципа". Ставете го месото на некоја даска и со остро ноже влезете точно под жилата и влечете под неа (ова е мој начин на чистење, доколку имате ваш, чистете по ваше).

  2. Повторувајте го истиот чекор додека не го исчистите цел. Пресечете го на пола и ставете го во заегреана тава со малку масло.

  3. Ставете сол, бибер и запржете ги сите страни. Вака подготвено ставете го во рерна која претходно е веќе загреана на 200 степени. А да, ќе заборавев, тавата од рерната да биде внатре додека се грее, за кога ќе го ставите месото да го ставите на врела подлога. Печете 9 минути!
  4. Додека се пече месото, направете ја салатата. Во сад ставете бејби рукола, маслиново и крема балзамико. Измешајте.

  5. Пресечете го багетот на онолкави парчиња колку што мислите дека ќе изедете и отворете го по должина. Јас во моментот имав барбикју сос па ставив од него, но ви препорачувам да ставите сенф.

  6. Извадете го месото на даска и почнете да сечете парчиња од него. Кога ќе ги сечете парчињата ќе приметите колку е сочно месото и зготвено до перфекција ммммм!

  7. Наредете ги парченцата во отворениот багет.

  8. Ставете неколку парчиња кашкавал. Јас употребив ајдемер.

  9. Па одозгора парчиња јагода. Се разбира овој дел можете да го скокнете доколку не сакате да експериментирате, но ви препорачувам да не го правите тоа, чисто само за да ја осетите симфонијата на различни вкусови во вашата уста.

  10. Врз јагодите ја ставате веќе подготвената салата.

  11. И се разбира на крај, плавото сирење. Верувајте дека ова се совршени комбинации за да уживате во еден необичен сендвич. Превкусен! Уживајте!

Хинт:

Не го избегнувајте плавото сирење, тоа го збогатува целиот вкус! :)
5 септември 2017 - 13:38