Потребни состојки:
- таљателе/тагатели (како сакате наречете ги)
- вргањ
- павлака за готвење
- путер
- маслиново масло
- масло од тартуфи
- пармезан
- лук
- сол
- бибер
Ваква е ситуацијата : имам договорено вечера, јас треба да готвам се разбира.
Прво го средувам цел стан и додека се плеткам со правосмукалката, мислам што да спремам. Си велам, да не комплицирам многу, да направам паста ама да има нешто посебно во неа.
Одам во маркет и се шетам по полици, разгледувам и решавам да правам паста со печурки. Ми текна дека татко ми ми има дадено свеж вргањ, купив свежи шампињони, путер имам, лук имам... нешто ми фали. Што е тоа што ќе ја направи оваа вечера посебна? Застанувам и ги здогледувам. Тартуфи. Изгор скапи, но познавајќи какво богатство е тартуфот, тоа не е ништо. А да не зборам дека е најглемиот афродизијак. Стојам и се мислам. Софка, сакаш посебна вечера? Е па, ќе си купиш и ќе си ќутиш. Решавам да земам масло од тартуфи и црн тартуф веќе пресечен на листови.
Имам сèшто ми е потребно, време е за готвење.
Чекори за подготовка:
- Прво започнувам со сосот. Секогаш имајте на ум, кога спремате било каква паста, сосот треба да ви е спремен прв. Но во исто време ставете сад полн со вода (за пастата) и оставете го додека не зоврие водата.
- Го земам вргањот и го ставам во тенџерче со вода за да се свари. Секогаш претпочитам да го варам пред било какво спремање. Едноставно ја задржува формата и структурата. Варете го додека не почне да се собира пена. Истурете ја водата низ цедалка заедно со печурките и оставете ги да се цедат. Доколку имате сув вргањ, претходно треба да го ставите во топла вода и да стои така 15-20 мин. за да омекне.
Го земам вргањот и го сечам по должина. - Во тава (препорачувам да биде тефлонска) без масло, без путер го ставам вргањот. Парче по парче ги вртам за да добие убава боја од двете страни. Доколку ви пушти вода, чекајте да испари. Го додавам путерот и малку маслиново масло. Додека се растопува, го сецкам лукот на ситно и го додавам во печурките. Зачинете со сол и бибер, промешајте убаво и оставете малце да се соединат аромите. Ја додавам павлаката за готвење, сол и бибер ако треба уште малце, и чекам да зоврие. Тргнете го на страна.
- Водата веќе врие, ставете ги таљателите клопче по клопче, цели. За една порција доволни се 3-4 клопчиња. Ги варите онолку минути колку што пишува на самото пакување за да добиете "ал денте" што во буквален првод значи "до заб". Така пастата нема да биде преварена, ќе ја задржи истата форма,а и на вкус ќе биде онаква каква што треба да биде по правило. Пастата е сварена, процедете ја низ цедалка и поминете ја со ладна вода. Ова го правам за да го сопрам понатамошното "самоварење" т.е. сами ќе се доварат од нивната топлина. Имајте на ум дека треба повторно да ги ставиме во врелиот сос.
- Ја враќаме тавата со сосот да се загрее, ги додаваме таљателите и промешуваме убаво за да се обвијат во сосот. Не ги држете долго бидејќи ќе ги преварите. Потребно е само малку колку да се загреат бидејќи претходно ги измивме со ладна вода.
- Пастата е спремна, но уште не e за послужuвање. Ставете во тањир, убаво полијте од сосот и на крај, на крај попрскајте со маслото од тартуфи. Немојте многу, самото масло има многу јака арома. Изрендајте го пармезанот, наросете со бибер, послужете и - let the magic happen.