Омлет со спанаќ и сланина

Кога животот ти дава јајца, направи си омлет!

Потребни состојки:

  • 2 или 3 јајца
  • сланина
  • бејби спанаќ
  • сирење

Мислам дека животот не би бил живот, ако нема сланина во него. Или, јас како што би рекла, БЕЈКОН ФОРЕВА! :)

Така настана и овој омлет. Првата замисла ми беше да биде само со спанаќ и сирење (овие две не можат еден без друг), па така, додека ги вадев сите намирници од фрижидер и замислувајќи каков би бил вкусот, сфатив дека ми фали нешто. Се разбира, тоа е многу повеќе од јасно, таа е мрсна и неодолива, со совршен мирис додека се пржи, непобедливата СЛАНИНА.

Омлетот беше одличен, притоа, како и секој друг омлет, брз за правење и секако не како што многумина го конзумираат, со шунка и кашкавал. ;)

Чекори за подготовка:

  1. Наредете ги парчињата сланина едно врз друго. Исечете ги напречно на тенки ленти. Барем јас така ги направив, ако имате вие некој ваш стил на сечење сланина, направете го. Ставете ги во тавчето во кое ќе го правите омлетот. Без масло, сланината ќе ја направи својата магија.

  2. Откако ќе ја пропржите сланината, додадете го спанаќот. Јас ставив од оној што се продава во ќесичка. Некако ми е поедноставен за употреба, а и млад спанаќ е, не е толку жилав.

  3. Од самата топлина ќе се обари и ќе го намали својот волумен. Намалете ја температурата на ринглата и додадете ги јајцата, претходно изматени. Изронете сирење одозгора и оставете да се зготват.

  4. Зачинете по желба, со сол и бибер. Кога ќе биде комплетно готов, послужете го и додадете нешто ако ви фали. Јас ставив топка павлака, а врз неа лут сос. Одличен доручек. Уживајте!

Хинт:

За добар омлет, секогаш користете тавче што не се лепи.
1 март 2018 - 13:27