BBQ копани со гратиниран карфиол

Ручек за во недела!

Потребни состојки:

  • пилешки копани
  • млад компир
  • карфиол
  • барбикју (скара) сос
  • бешамел сос
  • ајдемер
  • сол, бибер
  • маслиново масло

За ова јадење нема што многу да кажувам, едноставно има денови кога ти се јаде нешто што те потсеќа на детството, а тоа за мене се копанчиња и компири. Оваа комбинација многу често била на нашата трпеза и деновиве ми се пријаде нешто такво. За да не биде обично, какво што е само по себе, решив малце да го изменам. Па затоа, копаните ги направив со барбикју сос и додадов гратиниран карфиол. Искрено, карфиолот толку ми се погоди што можев само него да го јадам. Еве го рецептот.

Чекори за подготовка:

  1. Земете го карфиолот и исецкајте го на мали парчиња. Ставете го во сад, полејте го со маслиново масло, ставете сол и бибер и промешајте.

  2. Во мала керамичка тава ставете ги копаните и малите компири. Исто така полејте ги со маслиново и наросете сол и бибер. Оставете ги на страна додека не го направите бешамелот. Во друга тава ставете го карфиолот.
  3. Имате варијанта да купите бешамел или сами да го направите. Ако го правите сами, ова е постапката. Ставете во тава една лажица путер и чекајте да се растопи. Ринглата да не биде на најјака температура, намалете ја. Ставете една лажица брашно и промешајте. Треба да добиете смеса што ќе изгледа како полента. Ако ви се направи како тесто, тогаш додадете путер. Со константно мешање додавајте млеко. Ќе гледате како полека се згуснува. Додавате млеко додека не ја добиете онаа потребна густина. Доколку одбравте бешамел од тетрапак, загрејте го пред да го употребите.
  4. Во бешамелот ставете 50 грама рендан ајдемер и мешајте додека не се растопи. Полејте го карфиолот.

  5. Во исто време печете ги на 200 степени и карфиолот и копаните.

  6. По 40 минути ќе видите како карфиолот фаќа кора. Извадете го.

  7. Батаците намачкајте ги со барбикју сосот и вратете ги да се допечат уште 10 минути.

  8. Храната е спремна, послужете и уживајте!

Хинт:

Домашниот бешамел е секогаш подобар од оној во тетрапак, но оставам на вас!
31 октомври 2016 - 11:41