Го славиме Квинсдеј, преку славење на едно од најпрепознатливите обележја на Холандија и еден од најзините главни извозни производи - креативноста.
Ќе прикажеме дел од креативните активности на децата од Општина Карпош, а тие ќе настапат заедно со свои млади и повозрасни колеги, за да знаат дека креативноста, културата, уметноста можат да се дел од нивниот живот во секоја доба, а може да им станат и професија.
парК ги повикува сите, и возрасни и деца, како публика или како идни членови на парК - кажете ни кои ваши идеи би сакале да ги остварите заедно со парК. Ќе се сретнете и со луѓе кои токму со парК почнаа да си ги остваруваат соништата.
Посетителите ќе ги пречека Нестле, со Нескафе и Несквик, а настанот го помогнаа и Кнауф и Графити шоп Хром кои ги обезбедија ѕидовите и боите за графити-артистите.
***
парК (голема буква К, за креативност и култура) e центар за креативно живење, а не само културен центар, зашто тој се стреми да ги опфатиме сите страни на креативноста, па воедно и да ја демистифицираме - како можна професија, хоби, начин на размислување, животна стратегија, висока вредност за бизнисите. - велат Дејан Спасовиќ и Јасна Шоптрајанова од парК. -
Целта е да создадеме постојан и голем простор отворен за вонинстутиционалниот културен сектор, да обезбедиме отворен канал за соработка со властите и корпоративниот сектор, како и простор за аматерите - за учење, работилници, сцена, соработка со професионалци ... Истовремено, центар што ќе развива и образува публика, ќе им овозможи на граѓаните да понудат идеи и да го побараат сегментот од културата што им недостасува.
Иницијативата постои од почетокот на 2010, а во меѓувреме веќе бевме ко-организатори на Неделата на дизајн во Скопје, заедно со Паблик рум и Плакарт, покренавме млад бренд за дизајн и редизајн заедно со Машинскиот факултет, помагаме да се организираат дизајнерите на современ накит, го поттикнавме создавањето на бистрото за жива храна Здраво-Живо, кое сега со полна пареа организира работилници и обуки, организиравме детска работилница за фотографирање настани, инициравме реоформување на нашиот најнаградуван хор, веројатно ќе вдомиме и два-три театри, една филмска продукција, неколку ликовни колективи и графити-мајстори ... Почетна поддршка ни дадоа Амбасадата на Кралството Холандија и Општина Карпош, па на 21. април во галеријата и задниот двор на Кинотека на Македонија, организираме дел од прославата на Квинсдеј со целодневен настан во којшто ќе бидат застапени сите овие сегменти, а наскоро следи и конкурс за користење на простор и термини за сите заинтересирани нови членови на оваа иницијатива.
Најава за отворањето на парК – во рамки на прославата на Квинсдеј 2012
21 април 2012, Кинотека на Македонија
10:00 – 19:00
Сликање на лалиња
- Ликовни уметници од Македонија и Холандија, одбрани од Амбасадата на Кралството Холандија
Графити во живо
- Графити артисти за парК
Хорски настапи во живо
- Хорови од основните училишта во Општина Карпош, Мешан хор „Кочо Рацин", Женски младински хор при МКЦ и други градски хорови.
12:00
Нов модел на културни институции – презентација и дискусија
- Виолета Симјановска, PAC Multimedia
12:45
Водење креативен бизнис
- Мери Каровска, советник за развој на бизнис, парК
13:30
Велосипед со приколка – дизајн, процес, конструкција, презентација на прототип
парК и Катедра за индустриски дизајн при Машинскиот факултет, УКИМ, Скопје
14:00
Здраво-живо, работилница и дегустација на жива храна
- Маја Платнар, бистро Здраво-живо во рамки на парК
15:00
Средба на „Изворче", „Развигорче", „Женски младински хор" и „Рустико"
Мини-концерт на поранешните членки на најнаградуваните хорови во Македонија, со диригентот Запро Запров
16:00
Фотографирање настани – работилница и изложба
Tri-X за парК (со деца од основните училишта во Карпош)
17:00
Литературно читање
Блесок - Јовица Ивановски, Александра Димитрова, Румена Бужаровска и Богомил Ѓузел (со деца од основните училишта во Карпош)
18:00
Школа за анимација
Општина Карпош со деца и наставници од основните училишта
19:00
Жарче – кус филм за деца
Проекција во рамки на Скопски филмски фестивал, продукција Наше маало, режија Томислав Османли, Музика Никола Коџабашија,
20:00
Театар на сенки (караѓоз)
Театар Сенки и облаци
Слични настани ќе се организираат секој викенд, на различни локации, се' до завршување на објектот на парК.