Плачки од радост било кога дознал дека ќе игра за Барса

Одиш на одмор и ти јавуваат дека работата е завршена. Во сезоната 2019/2020 и официјално ќе го носиш дресот на Барселона, а партнер во напад ќе ти биде Лионел Меси. И за светски првак од редовите на Атлетико Мадрид ова е врвна вест.

Антоан Гризман тешко дека следната сезона ќе мине без свирежи на Ел Метрополитано со оглед на тоа колку силно ја истакнува желбата што ќе игра за Барселона.

Атлетико Мадрид за него е минато, а воопшто и не криеше дека сака да го напушти и да се пресели на Камп Ноу. За пет сезони во Мадрид освои три трофеи, што е реално малку за шпицот на светскиот првак Франција.

Дечкото има 28 години, најзрели за фудбалер. Зад себе 10 сезони, по пет во Реал Сосиедад и Атлетико и печен е за нов предизвик, најголем во неговата кариера, а можеби и последен ако затера на долго.

Долго траеше процесот за овој трансфер вреден 120 милиони евра и кога на Антоан му јавиле, еве што се случувало:

„Му се јавив на татко ми и почнав да плачам од среќа што работата е завршена. Бев со пријателите, жена ми и децата и тоа беше неверојатен момент. Сакав само што побрзо да ми заврши одморот и да започнам со новиот предизвик. Играчите веќе ми посакаа добредојде, исто како и стручниот штаб. Во моментов уживам и се надевам дека ќе стекнам поголема самодоверба да зборам, да бидам јас и да уживам уште повеќе“.

Каков само напад ќе биде тоа ако Ернесто Валверде се реши да игра во прв тим со триото Меси – Суарез – Гризман. Страшно нешто. Плус да не ги заборавиме Кутињо и Дембеле.

„Ќе биде неверојатно што ќе играм со него. Возбуден сум бидејќи ќе гледам што ќе прави на тренинзите. Сакам да видам некои работи и да се обидам да ги повторам или пак да ги правам по свое. Исто така сакам да го запознам надвор од терените“, вели импресионираниот Гризман.

22 јули 2019 - 15:38