Што се учи кога ќе наполниш над 70 години?

Емили, Барбара и Беатрикс имаат над 70 години и мудрост за цел еден свет да се почувствува помладо.

Емили Лемер, 77, живее во Њујорк 37 години

Немам омилен аспект од стареењето затоа што не го ни мислам. Не сум нешто поинаква откога бев помлада. Имав многу енергија тогаш, имам и сега! Скијам, вежбам јога, одам во театар, на опера и балет. Секоја вечер сум излезена. Се чувствувам одлично. Со Алберт славевме 25-годишнина од брак, со една огромна журка со балони и 125 луѓе. Цела вечер танцував. Не забележувам дека стареам. Жал ми е само што немам 40 пак, за да можам последниве 37 да ги проживеам уште еднаш. Добро си поминав.

Понекогаш ќе размислам и ќе ми текне дека ќе полнам 80 за три години… Па, ќе си речам, па што ми е гајле. Како да ги поминам? Мораш да останеш во сегашниот миг и да не се грижиш за стареење. Никогаш не сум помислила на тоа. Бев презафатена летајќи низ Европа или Блискиот исток, или по забави. Бев стјуардеса 36 години. Не ми беше тажно кога полнев 30 или 40. Премногу се забавував за да се грижам.

На 39, се преселив од Чикаго во Њујорк за да избегам од лош брак. И така бев сингл во Њујорк Сити. Забавно беше. Фала богу што беа ’70-ти, инаку ќе имав проблеми. Во тој период почина баба ми и беше тешко, и тогаш почнав да запознавам луѓе што беа по источната филозофија - реинкарнација, па да бидеш присутен, да веруваш дека не си тело, туку душа. Ми даде нов начин на размислување и тој го градам уште од тогаш.

Не е страшно да старееш, но сепак те тера да мислиш на тоа оставање на телото - на смрт. Кога патував низ светот минатата година, се вратив и открив дека мојот сопруг има проблеми со срцето. Бев шокирана. Видов дека е болен, па видов и други луѓе како се разболуваат многу. Кога се грижиш за некој што го сакаш, а е постар, си мислиш: „И мене ли ќе ми се случи ова?” Таму ти патува умот. Освен што сум се покрила со осигурување, сепак се трудам да останам во сегашниот миг. Не размислувам многу на темата. Вежбам, добро јадам, земам многу суплементи. Имам некои болки но не се многу поинакви од тие што ги имаш, на пример, после скијање.

Повеќето луѓе на моја возраст не можат да ме пратат. Разговорите не им се многу живи. Мислам, кажи ми како се децата - со задоволство ќе чујам - ама не мора цело сценарио. Не 15 минути на темата! Кога разговарам со млади луѓе, учам нови нешта од нив. Младите имаат толку богат живот.

Кога се омажив за првиот сопруг (имав околу 25), решивме дека не сакаме деца. Никогаш не зажалив за тоа. Многу сум среќна што немам деца. Не ми се трошеа пари, ниту ми се откажуваше од работата. Ми беше совршена одлука и повеќето луѓе што ги познавам што ја донесоа истата одлука се среќни со тоа. Мислам дека ако живеев во Охајо (од каде што сум) или слично, животот не би бил толку возбудлив. Не би била личноста која сум сега. Њујорк дише со една возбуда.

Луѓето ги советувам да останат млади. Барем во себе. Не размислувајте старски. Дружете се со помлади, дружете се со нови луѓе! Гледам луѓе што се дружат со истите парови со години. Не можам да замислам да се гледам со истата група на луѓе секоја недела. Мислам, за што ќе зборуваме? Нешто интересно? И доста се грижите толку многу. Се додека имате пари за кирија и храна, не се грижете за ништо. Имам некои млади пријатели што работат по 14 часа на ден. Погрешно е да се преработите. Што е успехот? Финансиски успех? Значи ли тоа дека мораш да имаш милион долари во банка додека да наполниш 30? Мислам дека нема потреба од тоа. Немојте. Има баланс кај удобното, да се има доволно пари за живот, а едноставно да се забавуваш. Мора да балансирате. Да најдете време за игра. Малку да поживеете, да се позабавувате. Најдете си ја душата.

Барбара Флад, не се бави со родендени или возрасти, ама е Шкорпија

Порано бев манекенка. Со тоа се бавев долго време. За многумина сум работела: Дона Каран, кога работеше за Ен Клајн, за Келвин Клајн, Оскар де ла Рента и Руди Гарнрајх. Многу сакав да работам со другите манекенки. Сите имавме шлем-фризури и пушевме кафеави Шерман цигарилоси. Беше многу креативно време и луѓето не се плашеа да бидат индивидуалци.

Пораснав во модно семејство. Татко ми имаше плетачки бизнис. Кога имав 12-13 години, ми рече да бидам модел за џемпери. Одлично. Немав цицки тогаш, немам ни сега. Така и почнав во индустријата.

Моите и двајцата се од Европа. Од Полска и Русија, но во Америка беа многу, многу долго време и тука се запознале и се земале. Имаа многу пријатели-уметници и пејачи и дома секогаш беше полно со луѓе. Мајка ми беше црвенокоса и имаше одлично око.

’60-ти и ’70-ти беа најдобри, затоа што модата експлодираше. Мислам дека стилот не ми е многу сменет. Дури и тогаш никогаш бев без ништо на себе. Спиев со ланче за тело. Имам две алки што никогаш не ги вадам и три дијамантски работи што не ги вадам. А светкањето е важно. Ме усреќува. Како да сум Џинџер Роџерс или Фред Астер кога одам по улица. Малку светкање секогаш орасположува.

Сум имала четири големи врски. Изгледа научив по нешто од секој маж со кој бев. Научив за животот во Европа, научив за танц, научив за режија, научив за сликање. Овие луѓе ми се многу важни во животот, но никогаш не посакав да бидам со нив засекогаш. Имам дете и многу сум среќна што го имам, но бракот не е за мене. Да се живее заедно е во ред, но одвоено е многу подобро. Имам огромен број на пријатели и многу блиски пријатели. Ми се јавуваат доцна навечер да разговараме. Знаат дека сум секогаш будна во 12 на полноќ.

Не се бавам со возраст. Ако речеш имам 65, или 94, луѓето веднаш мерат време. Веднаш си велат, о, пензионер, постаро лице. Но ако ти си тоа што си, може да имаш 20, може да имаш 100, а сепак си ти и тоа се забележува. Не сакам да мислам на стареење затоа што планирам уште долго да седам тука. Мислам на она што ми се случува во животот и на она што ќе го правам.

Се случуваат некои работи физички, кога ќе почнеш да старееш, иако имам млади пријатели кои поминуваат низ истото. Јас преживеав рак на дојка пред 16 години, но го најдов на време. Ти се случуваат работи што не сакаш да ти се случат; телото ти се менува. Но се додека мозокот е добар и може напред, тоа е најважно. Како што рече Скарлет О’Хара: „Утре ќе мислам на тоа.” Така и јас. Ќе мислам на тоа утре или наредната недела.

Најдоброто кај стареењето е знаењето. Што имаш знаење за да кажеш, „А да, го направив тоа, го поминав тоа, го разбирам тоа, па не морам да се опседнувам како некои луѓе по 24/7. Не жалам за ништо. Жал ми е само што инвестирав кај Берни Мадоф, затоа што ми се смени животниот стил и не добив пари назад. Хаос беше.

Мораш сè да научиш, сè да направиш, да не се плашиш, да не жалиш, да не чувствуваш вина. Вината те парализира и досадна е. Што е поентата? Повеќе би грицнала нешто, би се напила чаша вода и би одела во театар, во кино, музеј или на танцување.

Беатрикс Ост, 77, вели дека телото ни единствениот вистински дом

Во Америка дојдов во 1975-та за забава и едноставно се вљубив во Њујорк. Со маж ми гледавме низ прозорот на Волдорф Асторија и си рековме, „Што не поживееме овде малку?” И по половина година, се преселивме.

Има финта за живеење тука, сепак. Ако не се преселиш пред да истечат 10 години, нема да се преселиш. После десет години едноставно стануваш - јас не бев ни Германка ни Американка некое време, а потоа се случува и тоа - се сместуваш.

Со сопругот бевме заедно преку 40 години, но тој отсекогаш имаше девојка. Секогаш го толерирав тоа, некогаш со хистерија и расправии и негледање по една година, но пред пет години, таа се пресели во Шарлотсвил каде што имаме фарма - адвокатка е и опасна - и тоа стана неподносливо. Тој драматично се смени. Сега сум само уморна од него и она во кое се претвори. Не сакам да бидам со него.

Мажите можат да спијат со помлади жени што можат ќерки да им бидат, и луѓето велат, „па тој е одличен, фин човек е, има една млада жена, може да му биде ќерка.” Но кога жена сака да спие со маж што е колку нејзиниот син, коментарот е „Боже господе, има еден млад дечко, будала ли е тој? Спие со постара жена?” Мене ме гледаат сексуално и со страст, јасно ми е, но тоа е толку чудно тука. Во Европа немаме проблем со возраста.

Дали ми фали нешто од младоста? Ми фали погледот пред мене. Кога бев млада, животот изгледаше бескрајно. Никогаш не помислуваме дек аќе умреме утре. Имаме илузија за неограничен живот. Но не се плашам од смрт. Пораснав после војната - смртта беше толку еминентна. Баба ми умре на спратот во еден кревет од махагони и два дена подоцна, тој кревет беше мој.

Да можам да ја посоветувам младата верзија од себе, би и рекла да биде бестрашна, но внимателна. Следи го носот, инстинктот, и немој да жалиш. Жалењето не те носи никаде. Само не мораш да повторуваш што знаеш дека си згрешила. „Океј, бев во лоша врска, заборави, нема пак да ми се случи,” и биди внимателна. Син ми, психо-терапевт, пред неколку месеци, кога липав за крајот на една врска што ја имав, ми рече „Мамо, живееш на ролеркостер толку долго, сакаш да останеш во него или да излезеш?” Ова ме освести. Да, не сакам ролеркостери повеќе. Пресвртот ми беше затоа што не ми рече само, „Мамо, знам како ти е”, туку ги кажа фактите.

Кога бев помлада, бев многу мека. Со возраста акумулираш знаење. Истовремено, мораш да се грижиш за телото. Јас бев многу здрава додека растев. Имавме фарма и растев без шеќер. Треба да знаете што треба, а што не треба да се јаде. Телото ти е куќа и треба да ја оддржуваш, инаку ќе се сруши. Ако си болежлив, тоа е од премногу шеќер, премногу месо, премногу кафе, а ако ти е кисело телото, како ќе функционираш?

Ми се допаѓа и што човек може да се најде во облеката. Младите ги бомбардираат со тоа како треба да изгледаат и што да купат - на 14, 15 и 16, не изгледаш ни како за списание, ниту пак имаш 1500 долари за чевли. А само треба да најдеш што ти стои и да се пронајдеш. Ако ти речат „нозете ти се прекратки, рацете ти се предолги, никогаш нема да бидеш доволно висока” - тоа е се срање. Во тоа тело си ти и направи го добро место за живеење. Телото ти е единствениот вистински подарок.

извор

9 јули 2018 - 10:46