Идеи за нешта што можеш да ги правиш соло

Супер е ако имаш друштво и фамилија за дружење, ама некогаш е фино сам да си најдеш занимација. Да се дружиш со себе, да полниш батерии, да правиш работи што само ти сакаш да ги правиш на начин што само тебе ти одговара.

Можеш да одиш во кино. Ако ти е глупо да одиш сам/а на место каде што луѓето одат во друштво, кино е супер за почеток затоа што ти дава една интима кога ќе се изгасат светлата. Плус, можеби само тебе ти се гледа тој филм и не мораш од никого да зависиш и да правиш компромиси.

Можеш да одиш на групен фитнес час. Ако се работи доволно добро и напорно, сите ќе бидат презафатени со себе и без разлика што е групно, сепак е твое лично искуство. А може само корисно да биде.

Оди на одмор. Не мора да биде авантура за себеоткривање како во „Јади, моли се, уживај“, некогаш и една вечер во ново место, сам/а со себе може да те обнови.

Биди турист во сопствениот град. Ако немаш можност за некаков одмор, излези и откривај го сопствениот град. Пробај да се однесуваш како турист, да се обидуваш да откриваш и да гуглаш работи за твојот град - милион посто има нешто што не знаеш. Види што има по музеи и галерии, види што кријат продавниците за сувенири, оди на места што редовно ги бираат туристи.

Оди во фин ресторан. Ручај или вечерај сам/а - нема притисок за муабет, за непријатни тишини, можеш да уживаш во оброкот и да набљудуваш луѓе.

Почни да учиш нов јазик. Придобивките се повеќекратни: Прво, учење нов јазик го стимулира мозокот на многу здрав начин, второ - супер е да знаеш уште еден јазик, и трето, имаш совршен изговор да се наградиш со патување до тоа место, за да „повежбаш“.

Зготви нешто комплицирано. Ресторан е супер, ама супер е и да се предизвикаш да направиш Мишелин-оброк, сам/а, со состојки што ти ќе ги набавиш.

На крај, дури и да си екстроверт, има еден куп нешта што можеш да ги правиш на само, без разлика дали ќе излезеш, или ќе останеш дома. Удобност во сопствено друштво е вредна вештина и кога ќе ти успее доволен број пати, е навистина пријатно искуство.

30 април 2024 - 00:00