pro et contra

За вегетаријанците наспроти месојадите

И, како за крај, еден анегдот. Има еден легендарен муабет од 103-ка, Картер и Деки од Бадминтонгс во не знам која емисија. Деки, источно-вегетаријанец : Картер, рок-балканец...

Прв дел: За вегетаријанците

Со оглед на тоа, дека општеството сè повеќе ни се урбанизира, и градското население е сè побројно, се чувствувам должен, секако и повикан, да поставам некои етички прашања во врска со... насетувате... една заостаната пракса од руралното доба, а тоа е: јадењето месо. Да. Бездруго ве интересира.

Во нашите современи урбани центри, а особено во метрополата, сè повеќе расте бројот на една група луѓе, што себеси се нарекуваат вегетаријанци. Да. Тоа не се домаќинки што го користат зачинот на Подравка, ами освестени личности кои избрале да не јадат месо. Да не користат месо од животни во исхраната. Ниту риба. Причина? Ќе прашате зошто? Па затоа што месото не расте на дрво, туку за него се колат животни, се одзема живот. Впрочем, како би Ви било, некој вас да ве коле и да ве јаде потоа: варени, динстани, пржени, маринирани...стварно, замислете се малку, мили мои сограѓани. Се замисливте? Да? Убаво!

Отсега, кога ќе одите во Веро, Тинекс, Ситимол, Рамстор, или во локалното Ви гранапче, да знаете, кога купувате саламче, дека саламчето не е овошен плод, ниту корен, ниту лист, ами преработен дел од телото на некое свинче, кокошка, јагне, говедо (буквално говедо, не мислам метафорично, оти тоа би бил канибализам, впрочем). Верувам дека меѓу Вас, мили мои, има многумина што ги сакаат животните. Дури некои од вас дома чуваат маче, куче, папагал, рипки, желче...да? Одиме понатаму. Штом е така, како може да јадете месо од животни? Сте виделе некогаш свињокол(еж), јагне за колење (о, тие очи), крава млеко што ви дава, сте замислиле како некој ѝ кркнува ножот? Не? А, треба. Треба, мили мои. Оти, ако не сте способни да му го земете животот на животното, не е етички да му го јадете месото. Само затоа што не сакате да помислите дека некој друг, не Вие, ама за Вас го заклал и средил тоа животинче. Ете така. Значи уа за вас, урбани жители што јадете месо, а сте за заштита на правата на животните. Слободно изедете си ја и мачката, кучето, канаринецот...или што и да чувате дома. Срамота.

А сега...

Втор дел: Против вегетаријанците

Вегетаријанците, што се згрозуваат од месојадите, дури и на човекојадци им прилегаат вторите, да ги потпрашам нешто. Да? Може? Благодарам.

Да претпоставиме, дека Вашата тревопасна кауза победила. Замислете, никој веќе да не јаде месо... сите се освестиле, цело Воиново, цела Земја, сето човештво....И од високата им свест, хомо сапиенс сапиенсите во уста веќе не клаваат мевце. Ни за лек. Нели е тоа Рај на планетата? Е или не е? Да го разгледаме прашањево.

Видете, почитувани вегетаријанци, ако по некој случај, вашиот сон стане стварност, првата последица ќе му биде: за месец, два ќе изумрат сите овци и кокошки, мисирки, јариња, неброено телиња... општ геноцид на горенаведените и други видови доашни животни. Кога непријателот, месојадите, одат во супермаркет(поранешна самопослуга, заб. автор.), тие не одат по дивеч, никако, туку по салама, смеса за плескавици, кременадли, пилешки стек, месен нарезок... по такви меса и месни производи. Така е, или не така? Така е. Епа, ако престанат да ги јадат, шо кој ѓаол ќе им се? Кој би се нафатил да чува дома овца, кокошка, вол, крмак... за домашен миленик? - Кај одиш? - Еве со прасево до парк, шетаме. Или, шо ти праат кокошките? - Еј, супер се, баш вчера ги носев на Водно, уживаа.

Па добро, кај го има тоа? Па ни во Данска бе, ни во Швајцарија. Ако не одгледуваат луѓето домашни животни за месо, тие сите ќе изумрат (животните, не луѓето). Евентуално некоја свиња ако подиви, може да преживее. Инаку, овците и кокошките се толку глупавки сиротите, што веднаш ќе изгинат без човек. Нешто ќе ги изеде, ќе се прејадат и умрат од гасови, не ќе можат да си најдат храна, а нема кој да им фрли пченица, да ги пасе...и така. Значи, наопаку е работата вегетаријанци мои, всушност, месојадиве им се пријатели, а вие непријатели. Да се прашувавте вие, би им го ускратиле и она малку живот што им го даваат месојадите, кои ги одгледуваат за да ги јадат. Вака, бар ги гледаат, хранат, дури и ветеринар им викаат, не е исклучено и да ги погалат, иако еден ден ќе ги колат, ама сепак... тоа е... да си знаете. Вие сте сатрапи на домашните животни, а живеете во илузија дека сте либерални. Оти вашиот либерализам и „прогресивност", може да имаат тешки последици по животите и опстанокот на оние за кои толку се залагате. (нешто ми оди, просто ми навира паралела со политичарите, ама ај, другпат).

И најпосле, за кого сте, каде сте? За првите или вторите? Или сте на место? Големи сте, сами си знаете. Јас лично, ем јадам месо, ем постам некогаш, ем сакам животни, ем знам што правам по тоа прашање.

Трет дел: Епилог.

И, како за крај, еден анегдот. Има еден легендарен муабет од 103-ка, Картер и Деки од Бадминтонгс во не знам која емисија. Деки, источно-вегетаријанец : Картер, рок-балканец.

И почнува Деки да фура вегетаријанство пред Картер, а овој му вика:

„Извини, како ја јадеш ти салатата? Жива или варена? Не е важно, вика Деки, ама сурова е поубава. Аха, вика Картер, значи, кога сакаш младо кромитче, ќе отидеш, ќе го искорнеш од земја, ќе му ја скинеш главата и ќе го изедеш живо, а? И демек, не го боли? Ние барем ги колеме животните пред да ги изедеме, не ги јадеме живи. "*

*Транскрипт од разговоров ми беше испратен од кумашинот А.З., во прилог на текстот погоре, откако му го дадов да го прочита. Без анегдотата, текстот не ти е комплет, рече. И има право.

Тихомир Јанчовски

3 април 2013 - 11:16