Трауматични писма на читатели од трауматологија

Некаде околу 21 часот конечно ја сместија на трауматологија. Само 6 ипол часа подоцна, без некој да ни се обрати како на луѓе, да ни објасни за што се работи и каква е процедурата што следи, не дај боже пак да нè утеши. Се прашувам што ќе се случеше ако дојдеше повреден човек кој живее сам и нема кој да дојде со него, да трча по ходници, да моли за ќебе, да моли за доктор, да зема резултати, да повика пријател, да плати за снимање...

Здраво Трендо,
Во продолжение накратко за состојбата во здравството. Позната тема. Доколку сакаш објави го текстов, иако е долг, и не знам дали некој ќе има трпение да го чита, ниту пак имам надеж дека истиот ќе придонесе за некаква промена. Го пишувам како еден вид на самотерапија:

********

Мајка ми, тазе исфенирана во локалната фризерница, спремна за свадба, прописно си поминувала улица на пешачки во Козле. Одеднаш, веќе на тротоар, ја удрило возило, кое пак се судрило со друго возило, и излетало на тротоарот. Така мајка ми, со нова фризура се нашла на хаубата на старото возило, управувано од несовесен возач, приклештена до оградата на куќата на аголот и трансформаторот за струја. За среќа, останала жива. Со брза помош е однесена во ургентниот центар на клиника во 14 часот и 30 минути.

Ова се случува на истата онаа раскрсница каде секојдневно нашите деца одат на училиште, каде постојано има сообраќајки, и е сосема небезбедна. Поминаа 10-тина години, откако прв пат поднесов барање до општина Карпош, да се превземат соодветни мерки, семафор, лежечки полицаец, што и да е. Секако, од таму ме известија дека тоа не е нивна надлежност, па ме упатија до град Скопје, од каде се изјаснија дека и тие не се надлежни и ме упатија до МВР. И додека се вртевме во круг, си продолжуваа сообраќајките на раскрсницата. Потоа се обидовме преку родителскиот одбор во училиштето и после неколку години поставија 1 (со зборови - еден) лежечки полицаец, во една насока, додека останатите насоки останаа слободни за "пролетување". Веќе не се сеќавам кое беше образложението, ако го имаше, зошто не може да се постави семафор, кога е факт дека се случуваат многу незгоди токму на оваа раскрсница.

Да се вратам повторно на случката.

Татко ми веднаш, а потоа и јас, доаѓаме во ургентниот центар, каде мајка ми лежи на носилката со која ја донеле од брза помош, во шок, и чекаме да ја прегледаат, да видиме за каква повреда станува збор. Раните на нозете и рацете се последна тема за која размислуваме. Секако, никој не ги ни преврзува.

Во просторијата има многу сестри, болничари, специјализанти, и по некој доктор. Сестрата и зема крв, епруветите ги става на креветот и најверојатно тоа е хинт кој треба да те насочи кон лабораторија. Секако дека сестрата не ги објаснува насоките. Ако не ја пробиеш оваа шифра остануваш плус 1-2 часа во лавиринтите на клиничкиот центар. Во меѓувреме прават рентген и компјутерска снимка. Мајка ми од стрес почнува да се тресе, бараме ќебе од сестрите, но ме известија дека немаат ќебиња. По долги и безуспешни расправии, сопругот ми донесе ќебе од дома. Во меѓувреме одиме по резултатот од лабораторија но нé известија дека треба да почекаме уште половина час, па откако помина и тој половина час, нé известија дека крвта не е употреблива, треба повторно да се земе крв. Трчаме низ ходниците да ја најдеме сестрата, која пак веднаш нè прекори зошто ние сме си се шетале низ ходници, требало веднаш да ја однесеме крвта на анализа, наш пропуст е што не сме ја решиле загонетката со епруветите. Откако нé искара, повторно зема крв, но сега во лабораторија нема кој да ја превземе. Се мислиме дали ќе изгубиме повторно уште 1 час, трчаме по ходници, бараме хинтови, и дознаваме дека имало ливче каде пишувало ЅВОНЧЕ,  на кое треба да се заѕвони за да се појави човек од лабораторија. Конечно ја предадовме втората тура крв за анализа. 

Помислив дека го најдовме клучот за излез од овој лавиринт, но напротив, не сме ни на пол пат.

Се враќаме во собата, каде доаѓа полиција да направи записник. Откако завршија, нé известија дека треба да одиме "кај што биле алфите порано" и да платиме 250 ден за да добиеме копија од извештајот. Почнува да ме фаќа блага хистерија.

Некаде 3 часа по пристигнувањето, ги добиваме резултатите од лабораторија кои се разбира сами ги толкуваме, затоа што сé уште нема доктор. На среќата ѝ немаше крај кога се појави докторот да ги види снимките и конечно да дознаеме за каква повреда станува збор. Докторот избегнува секаков контакт со пациентите и останатите избезумени роднини, ами со специјализантите ги разгледува снимките, тивко разменуваат латински изрази, во целата збрка пробувам да ја разберам дијагнозата, го прашувам докторот дали е скршен колкот. Господин доктор не ми одговара, се разбира дека он не разговара со обични смртници, туку почнува да ги имитира моите гестикулации кои несвесно сум ги правела, мрдање веѓи и сл. !?!? Но, одговор сé уште нема.

Во меѓувреме го користам и џокерот повикај пријател, доктор кој работи на клиника, и кој долета да ни помогне. Со "врски" дознавме дека колкот не е скршен, ами скршена е карлицата, но не знаеме каков е преломот, колкаво е изместувањето, што понатаму. Тогаш доаѓаат две девојки од брза помош, да си ја земат носилката- пластиката на која мајка ми лежи веќе 4-5 часа во ужасни болки. Девојките од брза помош ни го дадоа пликото со честитка за свадба, кое мајка ми го купила пред несреќата. Мислев дека видов ангели, а тоа беа само две пристојни девојки/жени кои си ја вршеа својата работа, некој кој прв пат нè погледна во очи со сочувство, откако влеговме во установата. 

Тогаш, само пет часа по влегувањето на ургентно, мајка ми добива и преврска на раните на нозете и катетер, сфаќаат дека е можна повреда на мочниот меур, па повикуваат уролог. Се разбира дека урологот го чекаме дополнителни 2 часа, и покрај целата волја на "врската" да ни помогне, сфаќам дека поединецот, колку и да се труди. е немоќен, затоа што системот е трул одвнатре.

Затоа пак врската издејствува да нè преместат во соседната соба, барем да нè спаси од хоророт околу нас. Таму, исто така видовме бебиња со преплашени родители, специјализант кој на телефон од доктор добива инструкци и им дава несигурни одговори. Очај во очите на родителите, нема кој да го види, не постои eye contact во оваа установа. Таму не се знае кој пие кој плаќа. Таму видовме се, освен организирана екипа која делува брзо (пошто нели ургентен центар) и ефикасно. Таму владее хаос, неорганизираност, нестручност, недостаток на човечност, непочитување на основните права на човекот. Чест на исклучоците, но за жал во таква нефункционалност и најголемите хуманисти и професионалци се немоќни против трулиот систем. 

Некаде околу 21 часот конечно ја сместија на трауматологија. 

Само 6 ипол часа подоцна, без некој да ни се обрати како на луѓе, да ни објасни за што се работи и каква е процедурата што следи, не дај боже пак да нè утеши.

Се прашувам што ќе се случеше ако дојдеше повреден човек кој живее сам и нема кој да дојде со него, да трча по ходници, да моли за ќебе, да моли за доктор, да зема резултати, да повика пријател, да плати за снимање, ... 

Престојот на трауматологија е сé освен лекување. Откако ќе истече инфузијата, во просек потребни се 4 часа и 5 до 6 пати потсетување, со извинување на сестрата, истата да ја исклучи, така што освен модринките по цело тело од ударот, дополнително добивате гратис хематоми по цела должина на подлактиците. Хепатромбин маст, и ациди борици, ѝ велам на сестрата, не треба да и се стави? Може, стави ѝ, немаме ние. Докторот, во случај да се појави, пациентите ги гледа од врата... За 6 дена колку што мајка помина во болница, ниту еден доктор не ги погледна хематомите кои од ден на ден се зголемуваа и почнаа да отекуваат, ниту пак раните по нозете. Неколку пати пробував да ја викнам сестрата за да ја смени преврската од пред 5 дена на раната која беше толку стегната што стапалото беше помодрено и отечено. 

Зошто тогаш лежи во болница? За да добие клексани? Не сум медицинско лице, но откако се врати од болница 3 недели ја боцкам два пати на ден и нема ниту една модринка, додека пак од секоја инекција клексан во болница има модринка. Просто несфатливо. Жената што лежеше на креветот до мајка ми не доби катетер 24 часа откако ја примија, а не беше во можност да стане од креветот. Секоја нова смена на сестри ја прекоруваа зошто претходните не ѝ ставиле. 

Над креветите имаше некои копчиња кои претпоставувам некогаш служеле за да повикаш сестра. Сега, сестра се викаше на цел глас, но таа никогаш не доаѓаше. Секое утро мајка ми беше зарипната од викање сестра во текот на ноќта. 

Чаршафот на кој лежеше беше целиот со крв, изгужван под нејзе, и никој не помислуваше да го смени. 

Вообичаено слободно влегував во било кое време на посета, но еден ден ми рекоа излезете, времето за посета заврши. Велам нема проблем, дојдете да ја нахраните и пресоблечете, да ѝ ставите облоги и да ја намачкате со маст, да ѝ ги измасирате стопалата, да го расчистите креденчево, да фрлите ѓубре, јас веднаш ќе си одам. Сепак ме оставија да ја завршам нивната работа.  Единствената константа беше чадот од цигари во просторијата каде сестрите и останатиот персонал си раскажуваат како си поминале претходната вечер. Факт е дека нема доволно персонал, факт е дека нема организација, но факт е и дека човечноста одамна исчезнала од таму.

Храната која ја добиваат нема да ја коментирам, таа оди директно во канта. 

Во меѓувреме, уште неколку пати го користевме џокерот повикај пријател, еднаш за да ја погледне доктор, еднаш за да пристигне крв од трансфузиологија до траума, која патуваше цел ден. Мислам дека ги потрошивме џокерите, но решение за излез не гледам на повидок. Секоја чест на исклучоците, но ова ме потсетува на еден многу тажен романски филм  "Смртта на господин Лазареску", кој го гледав многу одамна, а ние очигледно ќе го гледаме уште долго време.

Поздрав,
Лариса

********

24 ноември 2024 - 12:08