Тоа е братче :) ...
Се гледаме ... се читаме од време на време :) ... патиштата ни се вкрстија таму некаде далечната 2001ва во Он Нет ... а и ни се раскрстија непосредно истата година. Небитно. Битно гледам сме се оправиле и тоа добро. Се израдував Оф Нет (ова на македонски добива сосе друга димензија :) ) кога го видов. Ми беше мило да видам луѓе кои поседуваат ентузијазам после долги години во некоја професија, а истовремено не се ниту политичари ниту гробари. Значи браво.
Моите патешествија започнаа пред отприлика 5 години, не издржа Џејк Лондоновското во мене, селско дете, ама со големи аспирации што би се рекло. Па така се нанижаа Екваторијална Гвинеја, Ангола, Мадагаскар, Република Конго, Демократска Република Конго (посебно ме револтира кога луѓето не се информирани дека се две, па стално се расправаме со Т-Мобиле во кое имаат роаминг), Габон, Гана, Египет, требаше и Либија ама... , пак Ангола неколку пати, и еве сега ве поздравувам од топлово Конго (горното, што беше на вести пред една недела за 200те загинати во експлозија на војнички магацин).
Се пронајдов и јас во она вашено „Мало нас је, ал смо говна", пошто кај и да одам се случуваат срања. Па така со моето одење на Мадагаскар, брутално беше нарушен 30 годишниот мир, со брутален воен преврат, во кој беа извадени сите два армиски тенкови на улиците на Тана и застрелани 50тина студенти во протестите против режимот. Во Република Конго се преврте воз со 60тина загинати (нормално додека јас бев таму), во Демократска Република Конго се преврте цистерна за нафта и се запалија 200 луѓе (додека јас бев таму),а Габон проба да го следи примерот на Мадагаскар ама не им успеа. Лани се поздравивме кога реагирав на постот за Египет ( http://on.net.mk/video/razno-video/bitkata-na-nil-plus-reakcija-od-chit… ) а непосредно потоа извадив виза и за Либија. Реакцијата на Либијците на тоа беше дека е се подобро од тоа јас да отидам кај нив, па решија да си ги средат работите без мене. Нејсе. Па така излезе и вицот дека тековнава наша влада ме чува и има во предвид како последна опција во преговорите за името. Имено, ако работите не искочат во наша полза, едноставно планирале да ме пратат мене таму.
Адо го сретнав кај Перо. Беше тоа една неформална, спонтана, средба на една збирштина (Литиумци, МКЦовци, Он Нетовци и некои други), осмотично поттикната од скопскиот интелектуален дисбаланс. Па и ко на секоја таква средба, беа решени многу значајни работи.Како на пример загатката зошто ние Македонците сме толку паметни. Имено после не знам која чашка ракија, дојдов до едностраниот заклучок дека Османлиите се криви. Пошто нели во текот на 500 годишното нивно владеење, се што било од плавуша од кај нас, го однеле за Стамбол. Како и да е, Адо беше таму. Онака по малце возбуден, како и секој друг човек на крстопат, со мисла на патот што го чека. Се пожали дека тоа е голем чекор за него. Јас се разбира му пренесов дел од моите патешествија и го окуражив, а можеби беше тоа и ракијата. Ова е првпат да чујам за Адо после нашата средба пред пола година и повеќе, и ми е многу мило што слушам дека се снашол и успеал.
По се изгледа дека такви сме ние Македонците, кај и да не постави човек, ќе се снајдеме, ќе пуштиме по некој корен. Без разлика на тврдата почва или на околниот коров. Јас лично сметам дека фактот што има повеќе Македонци надвор од Македонија, отколку внатре, е резултат на многу добро водена агенда на сите влади во изминативе 20тина години. Плус тој истиот факт е директен доказ дека ние, Македонците денес, сме наследниците на воинствената нација која под водство на Александар го освоила светот пред 2500 години. Ние денес исто го освојуваме светот, со нашата снаодливост и адаптивност на сите срања и временски услови што може планетава топка, а богами и тековново човештво, да ги понуди. Нашите политички структури, цело време не куражат, водени од родителски, интуитивни чувства, и за наше добро не оставаат сами да се снаоѓаме. Имајки го ова во предвид, и фактот што цели 500 години од нашата нација биле отстранувани плавуши, не знам дури и дали може да се претпостави кај ќе ни биде крајот. Можам да се опкладам дека токму ние, Македонците, ќе бидеме првите доселеници во далечниот Делта Квадрант.
Поздрав од топлото Република Конго.
Даниел А.