Драги мои пријатели, по тешката и долга борба со болеста на мајка ни, јас и сестра ми Јана чувствувамe голема потреба да споделиме нешто со Вас. Како успеавме после толку споменици, толку мостови и бесплатни автобуски карти за пензионери да останеме без ЦЕНТАР ЗА ПАЛИЈАТИВНА НЕГА НА БОЛНИ???
Абре луѓе, прооден ПАТ нема од Онкологија до Рентгенологија, а ние на носила ја носевме мајка ми, која во болки од сето тоа траскање и целата таа жештина го тргна турбанот од глава и ги истрпе сите тие навредливи и понижувачки погледи. На Рентгенологија, со 2 приоритетни упати прво МОЛИШ да те примат дента (регуларно ќе чекавме една недела!!! Да,таму и приоритетните упати се презакажуваат!), потоа МОЛИШ снимките веднаш да се испратат до доктор кој ќе ги чита и на крај го МОЛИШ докторот да ги прочита дента, евентуално наредниот ден.
По 10 минутно лутање по ходници на Пулмологија ни кажаа дека доктор на одделение нема и дека треба сето тоа уредно да се проследи преку амбуланта, по коментарот дека пациентката е тешко болен онколошки пациент и дека е на носила, добивме коментар од сестрата: ПА НЕМА ПЕШКИ ДА ОДИТЕ, ИМА ЛИФТ!!! Јас сум стоматолог и под принуда боцкав и мускулно и венски, што да кажат луѓето кои воопшто не се упатени во таа област??
Тотално нè разочараа и службите за домашна посета и итна медицинска помош. Наглуви се кога станува збор за онколошки пациенти. Замислете, треба да се јавите на домашна посета до 15ч, за да "милата" госпоѓа на телефон Ви закаже посета, оти после 15ч. екипите се на терен и тие никаков контакт немаат со нив. Кој век сме? Зар тие луѓе немаат мобилни телефони??? На крајот на краиштата, ние не планиравме кога ќе пукне вена, тоа не оди со закажување!!!
Верувам дека не сме единствените што поминале низ ваква агонија... На крајот ја молевме, во солзи ја преколнувавме да ја пушти душата да и почива... Никој не заслужува таква смрт...
Не знаеме каде и кому да се обратиме по ова прашање. Голема утеха би ни било, ако успееме да потикнеме некаква иницијатаива за отворање на ваков центар кај нас. Ако некој има идеја, Ве молам коментирајте. Благодарам.
Ана Сајковска-Ѓорѓевска