Волкановски ја одбрани титулата шампион

Австралискиот борец со македонско потекло Александар Волкановски со крајни напори, многу потешко од претходниот пат го победи Американецот Макс Холовеј на УФЦ 251 настанот на островот Јас кај Абу Даби.

На реваншот, кој беше тотално израмнет во поголемиот дел од борбата, Волкановски успеа да се извлече од подредена положба, да се издигне и да успее да го победи Макс Холовеј.

После голема борба, Волкановски во петтата рунда имаше два успешни тејкдауна, покажа цврст карактер но Холовеј уште не отстапуваше. На крајот по одлука на судиите Македонецот победи.

За разлика од претходниот меч, Холовеј овојпат не ризикуваше многу, држеше дистанца и се обидуваше со нозе да го сруши Волкановски. Од почетокот на 5-та рунда Волкановски тргна во офанзива и освои неколку чисти удари. Резултатот на крајот за Волкановски: 48-47, 48-47, 47-48.

Во тесен меч Волкановски ги изгуби првите две рунди. Холовеј одлично го отвори дуелот и немаше многу празни удари.

Пред самиот крај на воведните пет минути Волкановски беше соборен по еден силен удар на Холовеј со нога, а во вториот период до пораз го приближи еден аперкат на Амерканецот. За среќа на Волкановски и двата моменти беа при самиот крај на рундите па Макс немаше доволно време да го докрајчи противникот.

Веќе од третата рунда гледавме далеку поизрамнета борба. Холовеј погоди пар удари но Волкановски тогаш како да се разбуди и во четвртата и петтата рунда беше подобар.

После ова Австралискиот државјанин со македонско потекло има неверојатен учинок од 22 победи и само 1 пораз.

„Имавме 10 рунди. Можев да доминирам во некои од нив, секако тој доби некои рунди исто. Помислив дека ќе можам да го изнесам од борба, но се спремавме за најлошото. Сакав да го финиширам, но завршивме пред време. Беше тешка борба. Тој стоеше и не отстапуваше. Во првите рунди многу ми отежна. Не ги користев киковите колку што сакав, но завршив и тоа е најважно. Знаев дека ќе се решава во последната рунда. Морав да победам во последната рунда. Сакав финиш, тој тргна по финиш, за жал никој од нас не финишираше. Победив по судиска одлука и тоа се важи“, изјави Волкановски за ЕСПН, свесен дека малку фалеше да изгуби.

Според статистиката на UFC, Волкановски задал 139 удари а Холовеј 111.

За крај Александар додаде и дека се надева дека не завршил со борби годинава.

„Дефинитивно сакам да се борам уште некој пат. Сакам да останам активен. Јас сум еден од шампионите кои бараат претенденти. Имаме многу добри дечки во дивизијата кој се борат меѓу себе и ги гледам сите. Сакам да ја бранам титулата, тоа го сакам“.

 

12 јули 2020 - 11:23