Тим Данкан собра 13.000 донатори за погодените од ураганот Ирма

Поранешната ѕвезда на Сан Антонио Спарс осетил на своја кожа како е да се бега од ваква елементарна непогода и овие денови е главен иницијатор во собирање пари за луѓето од неговиот остров.

Тим Данкан пред три дена се огласи со писмо на веб страницата 'The Players Tribune' за да се соберат средства кои ќе помогнат за реконструкција на Девствените Острови каде е роден тој.
 
Легендарниот НБА кошаркар кој пред две години се пензионираше по 5 освоени титули со Спарси, на 13 години го напуштил местото Сент Крој поради појавата на ураганот Хуго кој тогаш му ја прекинала кариерата во пливање.
 
„Донирав 250.000 долари за да помогнам за реконструкција на Девствените Острови. Ветувам дека ќе одговорам на секоја понуда што ќе ја доставите се додека не дојдеме до милион долари. Кога ќе дозволи времето, ќе заминам со авион од Сан Антонио во Сент Крој за да однесам храна и други основни потреби. Го пишувам ова за да ја побарам вашата помош, но исто така и да побарам од вас да не ги заборавите Девствените Острови, како и другите острови погодени од ураганот“, напиша Данкан.
Неговата иницијатива повлече 13.000 луѓе кои донирале 2 милиони долари, а следната поставена цел е да се стигне до 5 милиони.
 
Со оглед на тоа што Ирма се намалува и се чини дека најлошото е завршено, регистрирани се и првите оштетувања на спортските објекти. Во Мајами проблеми има на Американ Ерлајнс Арена, домот на кошаркарите на Мајами Хит, како и во стадионот Парк Марлинс каде се игра бејзбол.
 
Инаку НЛФ тимот Мајами Делфинс го откажаа своето гостување во Лондон. Нивниот претседател твитна за тоа како е пред стадион и кои патишта се затворени.
12 септември 2017 - 16:09