Најдобриот тенисер во светот Новак Џоковиќ доби огромно изненадување од фановите од целиот свет. Во уникатната идеја учествуваат голем број негови фанови кои успеале да соберат над 400 фотографии и да направат огромен колаж кој е висок три метри.
Подарокот го презентирале на плажа во Барселона, а видео пораките се снимени од различни земји на различни јазици. Во целата организација учествувала и извесна Емилија од Македонија која на крајот на видеото е потпишана помеѓу многумината обожаватели на српскиот тенисер.
Верните навивачи се воодушевени од секој потег на Џоковиќ, а некои од моментите кои ги издвоиле се јадењето на тревата на турнирот во Вимблдон, како и спектакуларниот пречек во Белград.
Популарниот Ноле за оваа идеја на фановите им се заблагодари на својот профил на Твитер, а воедно им го честиташе и денешниот голем христијански празник на сите кои го слават денеска.
Џоковиќ оваа сезона прославува 10 години од неговото професионално занимавање со тенисот, а првиот негов предизвик во 2013 година ќе биде турнирот „Австралија Опен" каде ќе се обиде да ја одбрани титулата.