Синер му го предаде финалето на Алкараз уште во прв сет

Светскиот рекет број 1 се откажа брзо поради проблеми. Алкараз: Ова не е начинот на кој сакав да победам.

Карлос Алкараз е освојувач на АТП турнирот 1000 во Синсинати, откако Јаник Синер го предаде денешното финале по само 23 минути игра.

Италијанецот при негатива од 0:5 во првиот сет, им кажал на лекарите дека не може да го продолжи мечот, бидејќи не можел добро да го види топчето.

Според првичните информации, не се работи за повреда, туку станува збор за болест, што им дава надеж на неговите фанови дека ќе биде фит за УС опен.

Алкараз за прв пат го освои Мастерсот во Синсинати, со што стигна до 22-ра АТП титула во својата кариера.

Со ова тој заработи 1.000 бода, а Синер загуби 550, па разликата меѓу нив сега изнесува помалку од 2.000 бода, во пресрет на Гренд слемот во Њујорк кој почнува в понеделник.

„Многу ми е жал што ве разочарав. Уште од вчера не се чувствував најдобро, но мислевме дека ситуацијата ќе се подобри во текот на ноќта. За жал, само се влоши. Се обидов, но сепак не можев да издржам повеќе”, рече Италијанецот.

„Ова не е начинот на кој сакав да победам или да освојам трофеј. Морам да кажам е дека ми е жал. Знам и разбирам како се чувствуваш во моментов. Сè што можам да кажам, како што сум кажал и безброј пати претходно, ти си шампион! Сигурен сум дека ќе излезеш од оваа ситуација уште подобар и посилен“, рече Алкараз.

19 август 2025 - 09:21