Станислас Вавринка ги воодушеви неговите пријатели и семејството, како и неговиот кројач откако го совлада светскиот рекет број еден, Новак Ѓоковиќ во четири сета на Филип Шатрие теренот вчера.
За популарниот Швајцарец тоа беше четврта победа на 21 меч против Ѓоковиќ и втора Грен слем титула во неговата кариера. Stan the Man, како го викаат тениските коментатори го турна Ноле на колена за три часа и 12 минути и со 30 години стана најстариот шампион на Ролан Гарос во последните 25 години.
Во обраќањето до медиумите, Вавринка се насмеа и за неговиот заштитен знак, пижама-шорцот.
„Ќе бидат во музеот на Ролан Гарос, така што ќе може да ги гледате секој ден ако сакате. Сите зборуваат за тие шорцеви, и очигледно е дека само мене ми се допаѓаат“, се насмеа Вавринка, кој имаше ужасен период во изминатите 10 месеци.
На средината од април, Вавринка објави дека се разведува од Илам Вилуд, телевизиската презентерка со која 6 години беше во брак. Вавринка никако не успеа да се пронајде на теренот и редеше порази сè до Ролан Гарос, кога блесна.
„Мора да дадеш жртва. Мора да работиш на тоа за да бидеш умствено опуштен, да се фокусираш на тоа што го правиш. Уште сум изненаден што после подготовките од два месеци, јас го освоив Френч Опен, затоа што не бев во добра форма. Беше многу тежок период за мене. Лудо звучи кога ќе кажам дека сум го освоил Френч Опен“, констатираше Вавринка.
Швајцарецот кој на Ролан Гарос дојде како осмо-рангиран тенисер, како што беше и кога го победи Рафа Надал за првата Грен Слем титула во Мелбурн лани, сега ќе биде четврти на АТП ранг листата. Од друга страна, Надал падна на 10-то место што е најлош пласман за него уште од април 2005. година.