Енди Мареј е роден во Глазгов во 1987-та година, а неговиот талент бил откриен уште на 5 годишна возраст од тренерот Леон Смит кој го опишал како „дете со неверојатен натпреварувачки дух".
Тој е израснат во малото градче Данблејн во источниот дел на Шкотска. Градчето со само околу осум илјади жители е познато по две работи - Енди Мареј и масакрот во 1996-та година.
На 13 март во 1996-та година, 43-годишниот Томас Хамилтон кој бил пријател на фамилијата Мареј, вооружен со 4 пиштоли влегол во училиштето каде што учел 8-годишниот Енди.
Лудакот Хамилтон убил 16 ученици и наставничка пред и самиот да се убие, а Енди бил помеѓу децата кои успеале да ги избегнат куршумите во фискултурната сала и во дворот на училиштето.
Енди заедно со неговата мајка за прв пат јавно проговоре за масакрот во една документарна емисија на Би-Би-Си пред почетокот на Вимблдон и не можеше да ги сопре своите солзи.
Следната година неговите родители се развеле и тој и неговиот брат Џејми се преселиле кај неговиот татко Вил.
Неговиот постар брат Џејми кој во 2007-та година заедно со Јелена Јанковиќ го освоија Вимблдон за двојки, на 11 годишна возраст бил второрангиран јуниорски тенисер на светот и претставувал огромна мотивација за Енди.
Енди бил одличен и во фудбал, па на 15-годишна возраст му било понудено да тренира во Ренџерс, но сепак тој решил да ја продолжи тениската кариера и се преселил во Барселона каде се запишал на академијата на поранешниот светски рекет број 1 Емилио Санчез.
Кога го освои УС Опен за јуниори во 2004-та година, веќе беше јасно дека новата ѕвезда е родена. Енди немаше среќа што се роди во ерата на Федерер, Надал и Ѓоковиќ, но конечно дојде и неговото време.
Минатата година Енди Мареј го освои златниот медал на Олимписките игри во Лондон, следниот месец ја освои првата Гренд слем титука триумфирајќи на УС Опен, а во неделата стана првиот Британец по Фред Пери пред 77 години кој го освои Вимблдон.